Претседателот Пендаровски учествуваше на дебатата „Улогата на Република Северна Македонија во НАТО: цели, предизвици и можности“

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска учествуваше на дебатата „Улогата на Република Северна Македонија во НАТО: цели, предизвици и можности“, што во организација на Инфо центарот за евроатлантски интеграции се одржа на Факултетот за безбедност во Скопје.

 

На дебатата на која учествуваше и американската амбасадорка Кејт Мери Брнс, претседателот Пендаровски се осврна на придобивките од идното членство на Република Северна Македонија во НАТО, посочувајќи на солидарноста, демократијата, слободата и плурализмот како клучни вредности на Алијансата.

 

Претседателот потенцираше дека секоја држава што станала членка на НАТО, по нејзиното влегување во Алијансата не станала диктатура, туку останала демократија и ги подобрила демократските перформанси.

 

Тој нагласи дека иако станува збор за воено политичка организација, слободата како вредност е многу важна, за што говорат и индикаторите на Фридом Хаус кои ги посочи.

 

„Оценките на Фридом Хаус за слободата и демократијата во САД или во Велика Британија, или во Германија се денес подобри отколку пред 40 години. Значи, оние демократии од кои ден денес учиме, со текот на времето стануваат подобри бидејќи се наоѓаат во организација која ги почитува овие вредности“, рече претседателот Пендаровски и додаде дека ова е многу важно за малите држави кои се членки или сакаат да станат членки на Алијансата.

 

Претседателот Пендаровски посочи и на плурализмот како важна вредност на НАТО, која овозможува секоја држава да има еден глас во клучниот орган на НАТО, Северноатлантскиот совет, што ги носи најтешките одлуки за војна и за мир.

 

Претседателот Пендаровски потенцираше дека нашиот влез во НАТО ќе придонесе и ќе ја заокружи регионалната безбедност на таканареченото јужно крило на Алијансата.

 

„Албанија на запад од нас е веќе членка на Алијансата, Бугарија на исток исто така, Грција на југот, а на Косово има НАТО трупи од 1999 година во една значајна бројка, во нивниот главен камп Бондстил. Така што, со нашиот влез во Алијансата дефинитивно се стабилизира јужното крило на Алијансата, кое е исклучително битно за безбедноста на двата најбитни пошироки безбедносни региони, за Блискиот Исток и за медитеранскиот басен“, рече претседателот Пендаровски.

 

Инфо-центарот за евроатлантски интеграции е проект што го спроведува Граѓанската асоцијација МОСТ и е поддржан од Секторот за јавна дипломатија на НАТО, Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија, Британската амбасада во Скопје и Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*