Министерот Бектеши се сретна со новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп

Министерот за економија Крешник Бектеши, денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија, Н.Е. г. Дирк Јан Коп.

На средбата министерот и амбасадорот разговараа за реформите кои што ги спроведува Министерството за економија во насока на зголемување на економскиот раст, привлекување на инвеститори и подобрување на бизнис климата во земјата.

Министерот Бектеши истакна дека трговската соработка меѓу Северна Македонија и Кралството Холандија во изминатите неколку години има континуиран раст. Тоа го покажуваат податоците според кои, само во 2018 година трговската размена меѓу двете земји бележи раст од 28,8%, при што извозот е зголемен за 23,5%, а увозот е зголемен за 32,9%. Во првите девет месеци годинава трговската размена е зголемена за 25,2 проценти.

„Имаме одлична соработка со кралството Холандија и убеден сум дека оваа соработка ќе продолжи. Од економски аспект направивме многу реформи во нашата земја, пособено во последните две години. Направивме реформи во полето на владеење на правото, со носење на закони усогласени со европската регулатива, го донесовме Законот за енергетика кој е во целост усогласен со европското законодавство, а во фаза на донесување е и Законот за енергетска ефикасност. Го донесовме Планот за економски раст со кој се изедначуваат домашните и странските инвеститори, дава силна поддршка за раст и развој на домашниот бизнис, поддржува технолошки развој и воведување на иновации за повисока конкурентност на македонското стопанство. Со Буџетот за следната година се фокусираме на човечкиот капитал за подобрување на продуктивноста на работниците“, истакна министерот Бектеши.

Министерот се заблагодари за поддршката од Кралството Холандија во процесот на стекнување на полноправно членство во НАТО, односно ратификацијата на протоколот за Северна Македонија и за заложбите на Холандија за почеток на преговори за членство во Европската унија, иако минатиот месец земјата не доби датум за почеток на преговорите.

„Стабилноста на земјата е особено важен предуслов за побрз и одржлив економски развој. Полноправното членство во НАТО и започнување на преговори за членство со Европската Унија за граѓаните ќе значи дека ЕУ ги препознава реформите кои ги спороведуваме и дека сме на вистинскиот пат“, истакна Бектеши.

Амбасадорот Коп и Министерот Бектеши разговараа за предизвиците во пазарот на работна сила особено проблемите на странските и домашните компании за наоѓање на соодветна стручна работна сила. Во тој контекст стручното образование и миграцијата остануваат предизвици за наредниот период.

Амбасадорот потврди дека Северна Македонија станува посакувана туристичка дестинација за Холанѓаните, при што само минатата година над 35.000 туристи од Холандија ја посетиле земјава, а двајцата соговорници изразија подготвеност за продлабочување на соработката меѓу двете земји, не само на полето на туризмот, туку во сите области за кои постои взаемен интерес.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*