Средба на премиерот Заев со холандскиот амбасадор Пломп: Република Северна Македонија напредува

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Вилем Ваутер Пломп, амбасадорот на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, кој го завршува својот мандат во земјава.

 

На средбата е констатирано дека нашата држава бележи сериозен напредок во последните две години, при што е нагласена улогата на премиерот Заев во позитивните процеси. Меѓу постигнувањата се посочени отвореноста за решавање важни политички прашања, како што е историскиот Преспански договор, како и во делот на почитувањето на човековите слободи и права.

 

-Сега сме насочени, придобивките од интеграцискиот процес во НАТО и исчекорите кон ЕУ да ги почувствуваат граѓаните како економски бенефити. Во претстојниот период ќе се посветиме на нов раст на платите и пензиите, како и поголема поддршка на инвеститорите и претпријатијата, за да придонесеме кон економскиот раст во државата, рече премиерот Заев.

 

На средбата е разговарано за важноста и за чекорите што се преземаат за имплементација на реформите во правосудството. Нагласена е и значајната улога на СЈО во борбата против корупцијата. При тоа истакната е потребата за натамошна посветеност на ова прашање и во иднина.

 

Премиерот Заев информираше за определеноста на Владата за соработка со опозицијата за сите значајни прашања од државен интерес.

 

На состанокот заеднички е потврдено големото партнерство и пријателство помеѓу двете држави, кое, како што е констатирано, има голем отворен простор да продолжи да се унапредува на билатерален и економски план.

 

Изразена е и обострана благодарност за одличната соработка во изминатите четири години.

Претседателот на Владата, Заев изрази почит кон личните заложби на амбасадорот на Холандија Пломп и неговиот придонес на принципиелно ниво, во сите значајни општествено политички, демократски процеси и позитивни промени за нашата земја.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*