Средба на претседателот Пендаровски со турскиот претседател Ердоган во Сараево

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во рамки на учеството на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, во Сараеводенеска оствари средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.

 

На средбата беше изразено задоволство од силното партнерство меѓу двете држави, и од позитивниот тренд во развојот на билатералните односи, како на политички, така и на економски план. Трговската размена меѓу двете држави е во постојан раст и во 2018 година изнесуваше 505 милиони долари, но, потенцираа двајцата претседатели, економската соработка може уште повеќе да се зголемува, во интерес на граѓаните на двете држави.

 

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за состојбите во двете држави и во регионот. Во контекст на аспирациите на Северна Македонија за членство во НАТО, претседателот Пендаровски изрази очекување дека Големото национално собрание на Република Турција наскоро ќе го ратификува пристапниот протокол за членство во Алијансата, откако беше одобрен од Парламентарната комисија за надворешни работи на турското собрание.

 

Претседателот Ердоган рече дека нашата држава ја има целосната поддршка од Турција за членство во ЕУ и во НАТО, со тоа што пристапниот Протокол за членство во НАТО ќе биде наскоро ратификуван во Големото национално собрание на Република Турција.

 

На средбата, претседателот Пендаровски упати покана за официјална посета на турскиот претседател на Република Северна Македонија, што беше прифатена од страна на претседателот Ердоган.

 

Турскиот претседател Ердоган упати честитки до претседателот Пендаровски по повод стапувањето на функцијата и му посака успех во работата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*