Средба на премиерот Заев со американскиот конгресмен и претседател на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, Енгел

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со конгресменот од САД, Елиот Енгел, претседател на Комисијата за  надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, придружуван од американска делегација и од претставници на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.

 

На средбата е оценето дека Република Северна Македонија се движи по вистинската патека. Изразени се честитки и поддршка за политиките на добрососедство, реформи и дијалог, формирањето инклузивна Влада и изградбата на општество, еднакво за сите граѓани на државата.

 

Оценето е дека Република Северна Македонија е добар пример во регионот како се решаваат билатерални прашања, низ храбри политики на искрен дијалог. Исто така изразена е силна поддршка за интеграциите на Република Северна Македонија во НАТО и е констатирано дека членството на нашата држава во НАТО, значи безбедносна заштита, стабилност и сигурност.

 

Премиерот Заев се заблагодари за искреното пријателство со САД во целиот период од независноста на нашата држава.

 

„Со поддршка од нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, се реализира една од двете стратешки цели на Република Северна Македонија, членството во НАТО, што очекуваме дека може да биде заокружено до декември оваа година. НАТО за нас значи безбедност, стабилност и перспективи за граѓаните, шанси за подобар живот на граѓаните и за задржување на младите, во родната земја да ја гледаат својата иднина. Работиме посветено на имплементацијата на реформите во делот на владеењето на правото, борбата со корупцијата, безбедносните служби, ефикасноста на институциите, изградбата на Едно општество за сите. И ќе продолжиме да даваме причини, да ја имаме поддршката од нашите меѓународни пријатели, за да го добиеме и очекуваниот датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври, за да можеме до крајот на годината да ги отвориме и пристапните преговори“, рече премиерот Заев.

 

На состанокот, премиерот Заев соопшти за резултатите од Договорот во Преспа и отворените НАТО интеграции, што имаат одраз во рекордниот износ од над 700 милиони долари странски инвестиции, раст на економијата, платите, намалување на невработеноста.

 

Тој посочи и на заложбите на Владата за зголемување на финансиите во одбраната, како и на учеството во мировните мисии, што ја покажува сериозноста на нашата држава да биде достоинствена членка на НАТО.

 

На средбата на премиерот Заев со високиот претставник од САД, Енгел, се разговараше за важноста од регионалната стабилност, безбедност и развој, при што заеднички е констатирано дека Соединетите Американски Држави се значаен партнер и поддржувач на целиот регион.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*