Вицепремиерот Анѓушев на Самитот за Западен Балкан во Познањ

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, Сојузниот министер за економија и енергетика на СР Германија, Петер Алтмајер, Министерката за претриемништво и технологија на Република Полска, Јудвига Емилевич и Заменичката министерка за економија на Република Бугарија, Лилја Иванова, во рамките на Самитот за Западен Балкан, одржаа прес–конференција на која обзнанија дека наредниот Самит ќе биде во заедничка организација на Република Бугарија и Република Северна Македонија. Сумирајќи ги дискусиите кои се водеа за време на состанокот за Регионалната економска област, како дел од Самитот, Вицепремиерот упати благодарност до Сојузна Република Германија за иницијативата за „Берлинскиот процес“, како и до Владата на Полска за организација на Самитот за Западен Балкан, преку кои ЕУ активно работи на поддршка на земјите од регионот за побрз и одржлив економски развој. „Берлинскиот процес најдобро ги детерминира предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан и мислам дека е одлична платформа која досега дава одлични резултати, а во иднина очекуваме уште подобри резултати кои ќе произлезат од оваа иницијатива, во насока на интеграција на регионот во ЕУ, каде и географски припаѓа. Нашиот регион, историски е познат по тоа што генерира повеќе историја и пречки, во однос на тоа колку може да конзумира, тоа мора да се промени во блиска иднина, односно да се генерира иднина и економска соработка“, потенцираше Анѓушев на прес–конференцијата. Преку решавање на долгогодишни проблеми со Република Бугарија и Република Грција, но и преку активности со кои се унапредува соработката и со останатите соседни држави, Владата на Република Северна Македонија покажа посветеност на „Берлинскиот процес“, а тоа доведе до унапредување на економската соработка и раст на трговската размена со некои од соседните држави над 10 процентни поени. „Ќе бидеме посветени на тоа да ги одржиме стапките на раст на трговската размена со соседните држави, сепак треба да бидеме искрени и да кажеме дека има уште многу нешта да се одработат. Во моментов во Република Северна Македонија имаме над 1 милијарда евра проекти во патната инфраструктура, но сметам дека не е доволно да се реализираат само инфраструктурните проекти; со инвестиција од 500 милиони евра ќе изградиме модерен автопат и ќе го намалиме времето на транзит за 20-ина минути, а потоа камионите со производи да стојат 3, 4 или 5 часа на граничните премини. Тука нема никаква економска оправданост и затоа покрај инфраструктурните вложувања, треба да работиме на отстранување на административните пречки и бариери кои постојат меѓу земјите, нешто што може да се направи брзо и ефикасно, многу побрзо отколку што трае процесот на изградба на инфраструктурата. Потребно е Владите да прават похрабри и поодлучни чекори, потребно е да ја вратиме довербата во регионот. Да се направи стандардизирање и признавање на сертификатите издадени во земјите во регионот, да се намалуваат или укинат царините во регионот и да се овозможи брз проток на луѓе и производи“, нагласи Анѓушев, при што истакна дека Владата на Република Северна Македонија е целосно подготвена за реализација на овие процеси. На новинарско прашање дали Берлинскиот процес е некој вид на замена за членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ, вицепремиерот Анѓушев појасни дека со овој процес се помага подобрувањето на меѓусебната економска соработка помеѓу земјите, како и дека истиот помага за исполнување на критериумите за членство во ЕУ. „Преку овој процес се стимулира соработката помеѓу земјите во регионот. Ние, во моментов повеќе соработуваме со ЕУ, отколку меѓу себе, а преку процесот ќе се придонесе да економскиот развој биде подинамичен и забрзан. Растот на БДП во Република Северна Македонија пред само 2 години беше негативен, односно -1,8%, имајќи ги предвид проблемите кои ги имавме во државата, а во првиот квартал на 2019 година растот на БДП достигна 4,1%. Имаме 624 милиони евра странски директни инвестиции во 2018 година, над 170% просекот од претходните 5 години и се околу 6,5 % од БДП. Овие бројки се постигнати и како резултат на подобрената соработка со земјите од регионот и со земјите членки на ЕУ. По решавањето на долгогодишните проблеми порастот на трговската размена со дел од соседните земји се со двоцифрена бројка изразена во проценти, и тоа е нешто што не охрабрува да одиме по двата пата паралелно. Одиме кон членството во ЕУ, за тоа нема алтернатива, но секако мора да се зајакне и регионалната соработка“, кажа вицепремиерот Анѓушев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*