Денеска на Државниот универзитет во Тетово, во присуство и учество на професори и студенти од повеќе факултети и студиски насоки, се одржа претставување и дебата за Нацрт-текстот на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија.
Воведничари во дискусијата беа Роберт Алаѓозовски, претседател на координативното тело за изработка на Стратегијата, Рубин Земон, пратеник во Собранието на РСМ и поранешен советник на премиерот за мултикултурализам, како и професорите од ТУ, д-р Рабије Мурати и д-р Муса Мусаи.
„Она што стратегијата треба да овозможи е сите граѓани да ги уживаат нивните права врз основ на нивната различност“, истакна националниот координатор Алаѓозовски, воедно посочувајќи на поентата искажана за време на дискусијата, дека тоа не подразбира посебни, туку еднакви права за сите. „Политичката волја и разбирањето на ‘другиот’ не се доволни“, потенцираше Алаѓозовски и додаде дека е неопходно зголемување на јазичните и други компетенции, на капацитетите, знаењата и вештините во повеќе области за надминување на поделбите во општеството.
„Оваа стратегија може да даде повеќе фокус на интеркултурните односи, а не го исклучува и мултикултурализмот што досега се развива и ќе се развива во иднина. Тоа ни е потребно, за да градиме општество каде ќе нема дискриминација, исклучување, каде сите луѓе ќе се чувствуваат еднакви“, истакна пратеникот Рубин Земон и поранешен советник на премиерот за мултикултурализам. Во неговата дискусија, тој се фокусираше и на пречките за дијалог внатре во институциите, нефункционирањето на комитетите за односи меѓу заедниците и во Собранието и во поголем дел од општините, посочувајќи дека со нивно вистинско ставање во функција тие би можеле да придонесат за решавање на многу од отворените прашања и дилеми со кои се соочуваат сите заедници.
Петрит Сарачини од Секторот за односи со јавност при Владата на РСМ го презентираше Нацрт-текстот на Стратегијата пред присутните, додека со дискусии, предлози и сугестии за текстот на Стратегијата во дебатата се вклучија и учествуваа повеќе професори и студенти од оваа високообразовна установа.