Премиерот Заев на седницата за пратенички прашања во Парламентот: Верувам дека во јуни, јули ќе добиеме датум, имаме чиста Препорака од ЕК со стопроцентна потврда на успесите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, одговори на прашања на пратеници, во Собранието на Република Северна Македонија, на чијашто седница, на дневен ред се пратенички прашања.

 

„Верувам дека во јуни, јули ќе го добиеме датумот за почеток на преговорите со ЕУ. Сто проценти се потврдени успесите на нашата држава од ЕК, пред сите земји членки на Унијата. ЕК денес зборува со суперлативи за нашата држава. Датумот повеќе не е зависен од нашите перформанси. Тоа го кажуваат ЕК и земјите членки. Тоа не е што било“, одговори премиерот Заев околу најавата лани, дека земјава ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ во јуни годинава, што претседателот на Владата рече дека е пренесен како што е соопштено од ЕУ, на прашање на пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Премиерот Заев рече дека “од десет успеси на нашата држава, ако треба да се каже, еден е овогодишниот Извештај на ЕК“, дека “тој е успех на граѓаните пред `се, а и на институциите“, како и на опозицијата којашто даде поддршка на реформските закони во Парламентот.

 

„Имаме чиста препорака од Европската комисија, за добивање датум за преговори на Република Северна Македонија со ЕУ, без задршки, имаме одличен Извештај од ЕК за напредокот на нашата држава, да гледаме на тоа како мотивација. Дел од овој Парламент собра капацитет, да направи чекори што можеа пред години да бидат направени, и да се постигне денешниот успех. Да бидеме од помош сите и како власт и како опозиција за нашата држава. Во спротивно, ќе остане впечаток дека некој не е среќен со ова“, рече премиерот Заев.

 

Претседателот на Владата, Заев, рече дека и по добивањето на датумот за почеток на преговорите со ЕУ, што се очекува во јуни или јули, допрва претстои работа, поради што повика на заедничка работа.

 

„Испраќам порака на подготвеност за дијалог, тоа е најсилната гаранција за успех, гаранции за граѓаните, инвеститорите, за меѓународната заедница – потврда за нормална земја. Омаловажување, деградирање, става негативен белег и води кон уназадување. Има уште многу што можеме да сработиме за да одиме напред. Поуспешно ќе биде ако заедно работиме“, повика премиерот Заев.

 

Претседателот на Владата, Заев одговори и на други прашања од опозицијата, во врска заштитата на Охридското езеро, околу капиталните инвестиции, транспарентноста на Владата, околу изборот на советници, околу цената на нафтата.

 

„Имаме најниска цена на нафтените деривати во Југоисточна Европа. Земји и со понизок животен стандард од нашата, имаат повисоки цени. Со покачувањето на цената на акцизите, се избегнува шверц, земање кредити и тоа го направивме на најтранспарентен начин, а парите ги враќаме кон најсиромашните“ рече премиерот Заев.

 

Во врска со транспарентноста рече дека “по транспарентност држиме лекции, за што зборуваат и извештаи на релевантни организации финансирани од ЕУ“. Премиерот упати апел до сите фирми да конкурираат на тендерите, но како што рече, “тоа е нивно право“, но дека Владата и институциите стимулираат конкурентност.

 

Претседателот на Владата, Заев, изрази очекување за голема реализација на капитални инвестиции оваа година. „Можевме да ги трошиме парите на споменици и музеи, но ние дадовме пари на општините да ги платат долговите. 80 проценти од парите за капитални инвестиции се за изградба на патишта и железници, 13 проценти за школи и градинки, ќе растат вложувањата, а давачките на граѓаните се намалени“, посочи премиерот Заев.

 

Претседателот на Владата, Заев, во врска со заштитата на Охридското Езеро, соопшти дека и преку владини одлуки се пристапува кон конкретно спроведување на препораките на УНЕСКО за заштита, се запираат изградби на мегаломански проекти, легализации дивоградби, се формира јавно претпријатие за потребниот колекторски систем, а дека економскиот и туристички развој на Охрид и на Струга ќе се стимулираат со збогатување на туристичката понуда, со воведување атрактивни активности за туристите и спортистите, со продолжување на туристичката сезона, дека плажите ќе бидат користени, но тоа ќе биде регулирано со закон.

 

Премиерот Заев, во делот на ангажирањето советници рече дека бројот е значително помал во однос на претходната власт, за повеќе од една третина.

 

„Давам шанса на млади луѓе и на капацитетни луѓе да се вградат во развојот на општеството. Би дал шанса на секој млад човек, секој заслужува шанса да се вгради во општеството. Правам `се што законот ми го дозволува за ангажман на секој, за кого сум проценил дека може да биде од помош на државата“, е меѓу одговорите на премиерот Зоран Заев, на пратенички прашања, што е точка на дневен ред на денешната седница во Собранието на Република Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*