Премиерот Заев на Македонскиот енергетски форум 2019: Производството на чиста енергија треба да биде еден од генераторите на економскиот раст

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше на отворањето на Македонскиот енергетски форум 2019 „Енергетска транзиција преку обновливи извори и енергетска ефикасност“. Премиерот Заев и в.д амбасадорката на Амбасадата на САД, Микаела Швајцер Блум со свои воведни обраќања го отворија Македонскиот енергетски форум 2019.  Амбасадорката Блум во своето обраќање изрази силна поддршка на Соединетите Американски Држави за развојот на енергетскиот сектор во нашата земја.

 

Во продолжение ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.

 

На мое огромно задоволство имам чест заедно со в.д Амбасадарката на САД во Република Северна Македонија, Н.Е Микаела Швајцер Блум да го означиме отворањето на Македонскиот енергетски форум 2019.

 

Длабоко верувам дека Македонскиот енергетски форум претставува одлична можност да ги отвориме перспективите за развој на енергетиката во Република Северна Македонија преку  плодоносна, квалитетна и широка дебата за прашања од исклучителна важност за иднината.

 

На самиот почеток би сакал да посочам една работа. Минатата година не успеав да присуствувам на Македонскиот енергетски форум од причини што во тек беа преговорите за Преспанскиот договор со мојот драг пријател Алексис Ципрас. Како придобивка од постигнувањето на Преспанскиот договор се надевам а и веќе има конкретен интерес на компании од Република Грција од енергетскиот сектор за нови инвестиции во нашата земја.

 

Посебно радува фактот што на вака исклучително важни теми од областа на енергетиката како што се гасификацијата, енергетска транзиција кон обновливите извори на енергија, светски трендови во енергетиката, енергетска ефикасност и енергетската политика на Република Северна Македонија на едно место два дена ќе дебатираат врвни експерти од енергетскиот сектор, практичари – деловни луѓе и претставници на извршната власт.

 

Нашата цел е да ги ставиме во функција сите капацитети и да го впрегнеме целиот неискористен енергетски природен потенцијал што Северна Македонија го поседува.

 

Нашиот план е сериозно да го зголемиме домашното производство на електрична енергија и да ги достигнеме европските стандарди во процесот на менаџирање со енергетските ресурси и да поттикнеме нови инвестиции во енергетскиот сектор.

 

Република Северна Македонија е посветена на спроведување на реформите во енергетскиот сектор и исполнување на обврските кои произлегуваат од Договорот за основање на Енергетска заедница. Новиот Закон за енергетика беше изработен со поддршка на Секретаријатот на Енергетската заедница и беше донесен од Собранието во мај 2018 година за што сме благодарни на Енергетската заедница.

 

Во овој Закон за енергетика се имплементираат одредбите и обврските што произлегуваат од Третиот енергетски пакет на ЕУ и Директивата за обновливи извори на енергија. Напредокот од земја последна во регионот – во земја со исклучителен напредок е нотирано во Извештајот на Енергетската заедница.

 

Промовирањето на инвестиции од обновливи извори на енергија не е само законска обврска за Република Северна Македонија.  Истовремено се поттикнува развојот на старите и застарените капацитети во енергетскиот сектор, а при тоа се исполнуваат барањата за заштита на животната средина, намалувањето на зависноста од увоз на енергија и создавањето на услови за одржлив развој и раст.

 

Предвидовме воведување на мерки за поддршка со цел да обезбедиме постигнување на целите предвидени во Рамката за клима и енергетика 2030 на ЕУ за обновливи извори на енергија во 2020 година:  намалување на емисиите на стакленички гасови за најмалку 40% (споредбено со 1990), Учество на обновливи извори на енергија со најмалку 27%, Подобрување на енергетската ефикасност за 27%.

 

Енергетската трансформација ја започнавме со спроведување на новиот Закон за енергетика.

 

Република Северна Македонија е позната како земја на сонцето. Нашето сонце треба и ќе биде основен столб во производството на електрична енергија. Производтсвото на чиста енергијата треба да биде еден од генераторите на економскиот раст.

 

Создадовме услови секое домаќинство да има можност да инсталира сопствена фотоволтаична централа на кровот од својата куќа и директно да произведува и користи електрична енергија добиена од сонцето. Наскоро се очекува објава на оглас за доделување на премиуми за изградба на фотонапонски електрани на приватно земјиште од 27 MW.

 

Вкупната инсталирана моќност на електроцентрали за која се доделуваат премиуми за произведена и продадена електрична енергија изнесува 200 MW за фотонапонски електроцентрали.

 

До крајот на месецот Министерството за економија ќе го објави првиот оглас за доделување на премиуми за изградба на фотонапонски електрани на државно земјиште за вкупно 35 MW на две локации во Свети Николе и Македонски Брод.

 

АД Електрани на Северна Македонија во рамките на своите  планови за инвестиции објави тендер за Договор клуч на рака за изградба на фотонапонска централа во ТЕЦ Осломеј од 10 MW, меѓутоа ова е само почеток на инвестициите во обновливи извори на енергија. Во план е и втора и трета фаза во Осломеј од по 10 MW, при што вкупно во Осломеј ќе имаме 30 MW фотонапонски електрани. И во РЕК Битола во наредниот период се планира да се изградат две фотонапонски електрани со вкупно 20MW.

 

Ефикасната транзиција на земјата кон конкурентна економија ќе ја забрзаме со реализација на диверзификација во снабдувањето, со зголемување на конкуренцијата на енергетските пазари, и со зголемување на искористувањето на обновливите извори на енергија, зголемување на домашното производство на енергија. Во таа насока од особено значење е и обезбедувањето на сигурност и континуитет во снабдувањето со енергија на домаќинствата и компаниите во Република Северна Македонија, намалување на емисиите на стакленички гасови и подобрување на општата состојба на животната средина.

 

Изградбата на магистралните гасоводни системи се одвива со добро темпо. Надминати се проблемите со експропријацијата, започнати се градежните активности на целата територија и на сите правци.  Вчера ме информираа од Министерството за транспорт и врски дека се потребни дополнителни пари за капитални инвестиции за изградбата на националните гасоводи, за што сме среќни бидејќи тоа значи најефикасен начин на реализација на капиталните инвестиции. Дел од општините се спремни со потребната документација за изградба на дистрибутивните системи на природен гас.

 

Во финална фаза влегува процесот за изградба на интерконективното поврзување со гасоводниот систем на Република Грција. Со тоа добиваме уште една можност на снабдување со природен гас од Азербејџан и, истовремено, и можност за поврзување на ЛНГ терминалите во Грција.

 

Со сите овие планирани активности отвораме можности за сигурна енергетска иднина и значително подобрување на енергетската сигурност во државата на начин кој оди во прилог на глобалните енергетски трендови, а тоа е напуштањето на загадувачките технологии и транзиција кон чистите технологии за производство на енергија. Поголемата достапност на гасот очекуваме да мотивира нови инвестиции во нови гасни централи за што нашата земја е доста податлива со можност за искористување на вториот продукт, а тоа е топлинската енергија.

 

Северна Македонија е на европскиот енергетски колосек.

 

Развојот на енергетиката е цврста гаранција за одржлив економски раст на долг рок. Особено радува фактот што се повеќе жени работат активно на полето на енергетиката како врвни професионалци.

 

На самиот крај сакам да изразам голема благодарност до Амбасадата на САД во Северна Македонија за континуираната голема поддршка што ни ја даваат за развој на нашата земја.

 

Македонскиот енергетски форум е уште една одлична можност за поврзување и зголемување на соработката со нашите пријатели од соседните земји.

Посакувам успешна и плодна дебата чиишто заклучоци ќе бидат значаен инпут во спроведување на квалитетни политики во енергетиката!

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*