Денеска, заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, го отвори и се обрати на Форумот насловен “Зајакнување на европската интеграција на Западен Балкан – лекции од минатото, подготовка за иднината”.
На форумот учествуваа претставници на највлијателните “Think tanks” организации од Регионот, а истиот се одржува во рамките на Берлинскиот процес во пресрет на овогодишниот самит во Познан, Полска.
Во своето обраќање ЗМНР Жерновски ја истакна важноста на европската идеја, нејзините вредности и моќта на помирување што ја носи со себе.
Европската перспектива е единствен избор на Регионот која ветува подобра иднина на своите граѓани. Говорејќи врз примерот на Северна Македонија, ја истакна важната улога на регионалната соработка и градењето на добрососедските односи.
“Главна лекција која треба да се научи од минатото е земјите да работат на јакнење на демократизацијата на своите општества, што е предуслов за изградба на успешен механизам за справување со популистичките и националистичките сили”, истакна Жерновски.
ЗМНР Жерновски укажа и на одржување на кредибилитет на процесот. “ЕУ треба да даде силна и конкретна поддршка на проевропските и реформските сили во Регионот, со цел да се напредува и да се внесе нова динамика на интеграцијата во ЕУ”, заклучи Жерновски на панелот.