Премиерот Заев прими делегација на Дојче Веле

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во придружба на министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, прими делегација на германскиот медиумски сервис кој оваа година слави 65 години од своето постоење и 50 години од Програмата на македонски јазик.

Делегацијата на Дојче Веле со главната уредничка на Европската програма Аделхајд Фајлке, заедно со уредникот на Програмата на македонски јазик Борис Георгиевски, придружувани од амбасадорот на СР Германија во нашата земја Томас Герберих и советничката во амбасадата Бјанка Зафировиќ Орданоска, се заблагодарија за можноста да се сретнат со премиерот Заев по овој повод и ја нагласија своето задоволство што во исполнувањето на нивните професионални медиумски обврски, во Владата на РСМ и во нејзините претставници имаат соговорници кои се постојано достапни и транспарентни за своите политики.

Премиерот Заев на средбата го потенцираше огромниот придонес на Дојче Веле во информирањето на граѓаните на нашата земја, како еден од најкредибилните извори. Во таа насока Дојче Веле останува и понатаму етаблиран промотор на демократските вредности, медиум со голема доверба меѓу граѓаните на нашата земја.

„Дојче Веле, со својата Програма на македонски јазик, продолжува да биде мост на соработка меѓу Северна Македонија и Германија, да ги поддржува демократските процеси во Северна Македонија и да биде промотор на взаемните интереси за интеграција на двете земји во евро-атлантските структури“, истакна премиерот Заев на средбата со делегацијата на германскиот медиумски сервис кој оваа година слави 65 години од своето постоење и 50 години од Програмата на македонски јазик.

По повод јубилеите на Дојче Веле и на Програмата на македонски, претседателот на Владата на РСМ Заев на уредниците Аделхајд Фајлке и Борис Георгиевски им подари плакета во знак на благодарност за нивното високо професионално известување за настаните и процесите во нашата земја.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*