Средба на МНР Димитров со шефовите на набљудувачките мисии за одржаните претседателски избори

Министерот за надворешни работи Никола Димитров  оствари средба со шефовите на набљудувачките мисии на штотуку завршените претседателски избори – на парламентарните собранија на ОБСЕ, г-ѓа Серен Моборњ, и на Советот на Европа, г-ѓа Мари-Кристин Далоз, како и со шефот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, г-ѓа Корнелија Јонкер.

На средбата високите меѓународни претставници изразија задоволство од добро спроведениот втор изборен круг и од мирната и демократска атмосфера која овозможи слободно изразување на волјата на гласачите. Беше истакната ефикасноста, професионалноста и непристрасноста на изборната администрација, како и транспарентноста на целокупниот изборен процес. Потенцирана беше и улогата на медиумите кои овозможија мноштво на информации за кандидатите и балансирано покривање на кампањата. Иако законската рамка за одржување на изборите е оценета како погодна за одржување на демократски избори, сепак беше укажано на потребата од сеопфатна реформа на изборното законодавство која ќе ги отстрани воочените правни недостатоци и празнини.

Министерот Димитров истакна дека одржаните претседателски избори го покажаа демократскиот капацитет и зрелост на институциите, но пред се и над се на граѓаните, како неопходен предуслов за европската интеграција на земјата. Заблагодарувајќи се за поддршката на ОБСЕ/ОДИХР и на Советот на Европа, Министерот ја реафирмира подготвеноста на Владата за продолжување на реформите на изборното законодавство, како неопходност и во контекст на европската интеграција на земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*