Неговата Светост, Папата Франциск, пристигна во еднодневна историска посета на Република Северна Македонија

Неговата Светост, Папата Франциск, врховниот свештеник на Римокатоличката црква, пристигна во еднодневна посета на Република Северна Македонија.

На аеродромот во Скопје, Светиот Отец, Папата Франциск го пречекаа Претседателот на Република Северна Македонија Ѓорге Иванов и Претседателот на Владата на РСМ Зоран Заев, и други високи претставници на Владата и на градот Скопје. Церемонијата вклучи и високи државнички почести и традиционален пречек на кој учествуваа и граѓани од нашата земја и регионот.

Папата Франциск и неговата придружба во која се државниот секретар на Ватикан кардиналот Пјетро Паролин, кардиналите Леонардо Сандри и Курт Кох, задолжени за односи со источните цркви и за христијанско единство, како и десеттина надбискупи и други високи достојници на Римокатоличката црква и Ватикан, и бројната придружба на делегацијата, од аеродромот Скопје се упатија кон резиденцијата на Претседателот на државата каде што ќе биде приредена официјалната свечена церемонија на пречек со највисоки државнички почести.

Во програмата на апостолската посета на Папата Франциск на нашата земја се средбите со претседателот Иванов и премиерот Заев, во придружба на нивните семејства, како и обраќањето на Неговата Светост Папата Франциск пред македонската јавност, пред претставниците на Собранието и на Владата, како и пред дипломатскиот кор во Северна Македонија и другите гости поканети на церемонијата на свечениот дочек во Вилата Водно.

Според програмата на апостолската посета на Папата Франциск, Неговата Светост од Вилата Водно ќе пристигне во Спомен Куќата на Мајка Тереза каде што ќе се сретне со група граѓани од ранливите категории и со претставници на верските заедници во нашата земја.

Од Спомен Куќата на Мајка Тереза, Неговата Светост и придружбата ќе заминат кон плоштадот „Македонија“ каде што ќе се одржи светата литургија со која ќе чиноначалствува Папата Франциск.

Светата литургија на плоштадот „Македонија“ ќе ја проследат десеттина илјади граѓани, припадници на Римокатоличката црква, како и други граѓани и највисоките претставници на државата и на општествено-политичките институции.

 

Во попладневните часови Папата Франциск ќе присуствува на Екуменска и меѓурелигиска средба со младите граѓани и граѓанки од земјата кои претходно се пријавија да бидат дел од оваа средба.

Програмските содржини од првата, историска, средба на Папата Франциск на нашата земја ќе се заокружат со средба со свештениците, нивните семејства и богопосветените во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, по што делегацијата на Ватикан ќе се упати кон аеродромот Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*