Премиерот Заев: Реформите се спроведуваат, Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска по завршување на состанокот на Интер-ресорската работна група за следење на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух, одговараше на низа новинарски прашања, на различни теми од интерес на медиумите.

 

На прашање на новинарите во однос на очекуваниот датум за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, Премиерот Заев истакна дека се спроведени сите реформи коишто беа зацртани во „Планот 18“, а коишто претходно беа одобрени од Европската Комисија. Како што рече Премиерот Заев, преостанува уште Законот за јавно обвинителство, за кој Премиерот искажа уверување дека ќе биде донесен многу скоро.

 

„Преспанскиот договор и сето тоа што се случи во нашата земја е навистина сериозна мотивација да се случи тоа што го очекуваме. А ќе се случи добивање на датум за преговори, односно одлука за отпочнување на преговорите помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија. Сите овие работат зависат, пред се, од изборите за Европскиот Парламент. Тие завршуваат на 26, Европската Унија на 29 го лиферува и го објавува извештајот, а после тоа извештајот оди на усвојување во националните Парламенти на земјите членки и можно е да се случи јуни – јули тука да се помести. Но ниту во еден случај заради нас, ниту во еден случај поради други причини. Заради тоа што оваа година токму се случуваат изборите во Европскиот Парламент“, истакна Премиерот Заев во изјавата за медиумите.

 

Дополнително, како што додаде Премиерот Заев, неодамнешните средби во Берлин уште повеќе ги оправдуваат очекувањата дека земјава ова лето ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

 

„Секоја дискусија почнуваше и завршуваше со Преспанскиот договор, што е навистина импонира. Имав билатерална средба и со Канцеларката Меркел, зборев со Претседателот Макрон. Јасните ставови на Фредерика Могерини за ова прашање, веќе ги знаете. Не само што ќе има позитивна одлука за нас, туку навистина треба да бидеме горди што сме позитивен пример. И тоа ќе се случи ова лето“, заклучи Премиерот Заев.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*