Премиерот Заев: Намалување на ДДВ – то за парното греење од 18% на 5%, ќе има позитивен финансиски ефект кај граѓаните, но уште поважно ќе придонесе за почист воздух

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски, заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, како и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска-Мадиќ, денеска присуствуваа на состанокот на Интер-ресорската работна група за следење на состојбата со квалитетот на амбиенталниот воздух и дефинирање на соодветни препораки и мерки кои треба да се преземат за подобрување на квалитетот на воздухот.

 

На состанокот, се разговараше за мерките за намалување на загадувањето на воздухот, односно Планот за чист воздух, којшто е стратешки приоритет на Владата и прашање од врвен интерес на граѓаните. Исто така стана збор за мерките и активностите коишто се преземени досега, но и за идните планови на сите инволвирани чинители во насока на намалување на загадувањето на воздухот.

 

По состанокот, во изјавата за медиумите, Премиерот Заев изјави дека заедно со Министерството за животна средина, со Министерството за финансии, со Регулаторната комисија за енергетика и со Градот Скопје, донесена е одлука да се намали данокот за додадена вредност за испорака на топлинска енергија, од 18% на дури 5%.

 

„Тоа значи дека секое семејство, приклучено на централното парно греење со стан со просечна квадратура, ќе добива пониска сметка за од прилика 220 денари месечно, што е годишна заштеда од скоро над 2600 денари. И добро знаеме дека тоа не е единствената придобивка. Системот на парно греење нуди и најголема енергетска ефикасност, односно има најмала емисија на јаглерод диоксид“, истакна Премиерот Заев.

 

Оваа мерка, како што рече Премиерот Заев има други ефекти од интерес за граѓаните.

 

„Ќе ги мотивира граѓаните да не се исклучуваат од системот на централно парно греење и ќе биде мотивација повторно да се вклучат околу 14.000 семејства кои од системот на централно парно греење се исклучени од 2012 година до сега. Во исто време очекуваме да се приклучат нови 10.000 домаќинства“, додаде Премиерот Заев.

 

Од почетокот на новата грејна сезона, со намалување на ДДВ-то за испорака на топлинска енергија од 18 на 5%, како што рече заменик министерот за животна средина и просторна планирање, Јани Макрадули, се исполнува уште едно ветување коешто е инкорпорирано во Планот за чист воздух.

 

„Оваа мерка оди во правец на директивите коишто постојат во Европската Комисија од 2006-тата година, бидејќи централните топловодни системи во земјите на ЕУ, во САД, се една од најдобрите алатки за справување со аерозагадувањето“, истакна заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.

 

Од Регулаторната комисија за енергетика, пак, уште еднаш потсетија дека, од неодамна е укинат паушалот за граѓаните коишто се исклучени од системот на централно парно греење.

 

„Ние се приклучивме на оваа иницијатива за намалување на ДДВ-то од 18 на 5% за потрошувачите коишто се приклучени на топлинска енергија, како и за сите останати потрошувачи коишто се приклучени на дистрибутивните системи за природен гас. Понатака, во однос на приклучените потрошувачи за топлинска енергија, во текот на месец јули ќе донесеме нов тарифен систем за продажба на топлинска енергија, којшто ќе биде многу поедноставен од сегашниот. Накратко кажано, трошокот за ангажирана моќност повеќе како таков нема да постои“, образложи претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

 

„Со воведувањето повластената стапка на ДДВ очекуваме и ширење на топлификациската мрежа и приклучување на нови корисници кои во моментов користат други начини за затоплување“, истакна секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска-Мадиќ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*