Премиерот Заев и министерката Царовска: Барањата на синдикатите во најголем дел опфатени во новиот Закон за работни односи, платите и пензиите продолжуваат да растат!

По повод Први мај – Денот на трудот денеска во Владата на Република Северна Македонија се одржа седница на Економско –социјалниот Совет на кој синдикатите и работодавачите ги испорачаа своите барања до економскиот тим од Владата. На седницата учество земаа премиерот Заев, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

 

Премиерот Зоран Заев, на седницата повика на чести состаноци меѓу синдикатите, работодавачите и институциите со цел да се создаде поголем продуктивност и конкурентност којашто значи многу за развој на македонската економија.  По завршување на седницата премиерот Зоран Заев, министерката Мила Царовска, претседателот на ССМ, Дарко Димовски и претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров дадоа кратки изјави за медиумите.

 

„Сериозно размислуваме и за ново зголемување на минималната плата оваа година. Во тек се консултации со сите засегнати страни да го изнајдеме најсоодветниот модел. Денеска и тоа беше соодветна тема, веруваме дека мај и јуни ќе ги искористиме за од 1-ви јули да ја зголемиме минималната плата на 13.000 денари. Дијалогот продолжува и верувам дека ќе изнајдеме алатки и начини кадешто сите чинители ќе бидат задоволни со ваквите чекори. Податоците велат дека како резултат на зголемување на минималната плата, просечната плата се зголемила за 6.6 % во фебруари 2019 споредено со август 2017, пред покачувањето на минималната плата. Ако тоа го направиме во споредба со март месец за којшто ги очекуваме податоците веќе сме над 8% зголемување на просечната плата. Покачувањето на платите е процес и јас очекувам во иднина оваа спирала на пораст на платите уште повеќе да се интензивира. Пензиите од почетокот на 2017 до почетокот на 2019 пораснаа за 826 денари или 6% од 13.750 денари просечна пензија сега 14.580 денари. Ќе има уште поголем тренд на пораст на плати и пензии во периодот што доаѓа “ изјави премиерот Заев.

Министерката за труд и социјална политика Мила  Царовска којашто претседаваше со Советот истакна дека оваа социјалдемократска Влада се грижи за работничките права и дека поради тоа се изготвува целосно нов Закон за работни односи.

 

“Како Влада која што сака да го слушне гласот на сите синдикати и организации и на којашто ни е важно секое мислење, направивме измени и овозможивме активно учество во Економско социјалниот Совет на сите синдикати без разлика дали се членови или не. Исто така би сакала да потенцирам дека барањата коишто денеска ги адресираше ССМ во најголем дел ќе бидат опфатени во Законот за работни односи којшто ќе се носи во широка консултација“, рече министерката Царовска.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*