При предавањето на копиите од акредитивните писма, денес, министерот Никола Димитров ѝ посака топло добредојде на г-ѓа Нарине Сахакјан, новоименуваниот Постојан претставник на УНДП во Република Северна Македонија.
Г-ѓа Сахакјан ја започна средбата изразувајќи искрено задоволство од можноста да ја продолжи својата мисија, започната во 2016 година, токму во земјава, особено, како што самата нагласи – во овој позитивен историски момент за нашата држава. Притоа, осврнувајќи се на Приоритетните активности на УНДП во Република Северна Македонија до 2020 година, констатираше дека може да се очекува плодна соработка, имајќи предвид дека тие се во целосна корелација со приоритетите на Владата.
Министерот Димитров го сподели задоволството и благодарноста кон мисијата на УНДП во земјава, при што, на интересот на г-ѓа Сахакјан за нашето чекорење кон европското семејство, истакна: На реформскиот пат кон ЕУ, несебичниот ангажман и иницијативите на УНДП во социјалната инклузија, продуктивното вработување, намалувањето на невработеноста и сиромаштијата, родовата еднаквост, јакнењето на институциите и животната средина, беа непроценлива помош за нас! На истата линија, Постојаниот претставник на УНДП, го сподели ентузијазмот и очекувањето дека европските партнери ќе го препознаат „реалното чудо“, како што го нарече, и перманентните напори на Република Северна Македонија да стане кредибилен дел од Европската Унија.
Средбата заврши во духот на прецизирање на конкретни прашања со цел унапредување на целокупната соработка со Канцеларијата на УНДП во Скопје и имплементацијата на постоечките проекти во Република Северна Македонија.