Премиерот Заев, министерката Царовска и директорот на АМС Каевски: Ги поддржуваме политиките спортските активности за сите категории граѓани за јакнење на општествените вредности

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, денеска, заедно со млади,  членови на неколку спортски клубови, здруженија и ученици од повеќе училишта, со учество во повеќе спортски и рекреативни игри во Градскиот парк во Струмица го одбележаа 6-ти април, денот кој Обединетите нации го прогласија за Меѓународен ден на спортот за развој и мир.

 

Премиерот Заев заедно со министерката Царовска и директорот Каевски во опуштена и пријателска атмосфера зедоа учество во повеќе слободни спортски игри и заедно со младите спортисти и ентузијасти кои го сакаат спортот се вклучија во играњето ракомет,  одбојка, фудбал и други интерактивни игри. Насмеаните лица на децата, на родителите, на спортистите и рекреативците покажаа дека спортско-рекреативните активности се многу важни за развојот на општеството и ги учат децата од мали нозе да го почитуваат пријателството, различните припадности и фер однесувањето и ги учи на универзалниот јазик на мирот и соработката.

 

Премиерот Заев и министерката Царовска се забавуваа заедно со младите и во изјавата за медиумите ја истакна исклучителната важност на спортот и физичките активности за секое општество.

 

,,Затоа, ги промовираме и поддржуваме политиките со кои ќе се зголеми бројот на граѓани, од сите возрасти, социјални групи и средини, кои секојдневно го применуваат спортот и спортско-рекреативните активности. Приоритет ставаме на создавањето квалитетен систем на спорт во училиштата. Нашата цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните два процента од населението на 20 проценти, кои ќе бидат опфатени во спортот за сите“, рече премиерот Заев, додавајќи дека преку моделот на училиштен спорт, се планира  зголемување на бројот на ученици кои спортуваат од сегашните 5.000 на 50.000 во основното и во средното образование.

 

Премиерот Заев истакна дека спортот  е силна алатка и за јакнење на заедниците, го  промовира „фер-плејот“ и еднаквоста и силно се бори против расизмот и омразата и ги повика  младите, нивните родители и сите граѓани на нашата земја, да бидат активни учесници во спортот, да ги поттикнуваат децата да спортуваат, а со тоа да бидат и општествено одговорни, важни за креирањето на развојот и мирот.

 

„Ги поддржавме сите активности на лицата со попречености, сé со цел нивна дополнителна интеграција во спортот и секојдневието”, нагласи премиерот Заев, додавајќи дека бројните успеси и медали освоени на специјалните олимписки игри и на другите меѓународни натпревари за лица со посебни потреби покажуваат дека сето тоа носи резултати.

 

За значењето, посветеноста на Владата на спортот и физичката активност и нивното влијание врз психофизичкиот развој, говореше и министерката Царовска.

 

,,Навистина е важно кога зборуваме за инклузивно општество да зборуваме дека таа инклузија на лицата со попреченост треба да се случи на сите нивоа од секојдневното живеење. Спортот е еден дел од нашето живеење, токму затоа овој ден е многу важно што го поздравуваме со директно вклучување во сите спортски екипи, кои што денеска се претставија тука, имаа во себе содржано и лица со попреченост“, истакна министерката Царовска.

 

Министерката Царовска подвлече дека денешниот настан покажува дека навистина и децата со типичен и со нетипичен развој може заеднички да спортуваат, заеднички да се забавуваат и заеднички да го поминат денот, а тоа значи вистинска инклузија.

 

„Многу е важно да зборуваме за инклузивно образование, инклузивна социјална заштита, инклузивно здравство, но исто така и спортот е делот каде што е потребно да ги поттикнеме младите лица со попреченост да бидат вклучени во спортските активности и да го потрошат своето време продуктивно и креативно“, подвлече  Царовска.

 

Каевски по повод Денот на спортот за развој и мир, кој со пригодни спортски, културни и уметнички манифестации се одбележува насекаде во светот, истакна дека ваквите активности реално ја отсликуваат стратегијата на Агенцијата и Владата како конкретно да создава услови за омасовување на спортот особено кај младите и најмладите категории.

 

„Анализите покажуваат дека во 2019 година процентот на деца кои спортуваат е неколкукратно зголемен од пред две години, што јасно покажува остварување на нашите  амбиции, на нашата Стратегија за воведување на нови стандарди, особено во училишниот спорт, со што го зголемуваме и квалитетот и обемот на спортот“, рече директорот Каевски, истакнувајќи дека спортот е една од главните алатки која ги сплотува луѓето и нуди мир и развој.

 

На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, кој подвлече дека градот има традиција на поддржување на спортот и од него имаат излезено многу познати спортски имиња порачувајќи дека спортот ги спојува луѓето и затоа треба да се негува.

 

Сите учесници, во текот на манифестацијата се фотографираа со цел да испратат силна порака  за мир, меѓусебна толеранција и разбирање на сите граѓани низ целиот свет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*