Премиерот Заев се сретна со шефот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, г-ѓа Јонкер: Претседателските избори се исклучително важни, отворениот политички дијалог со сите партии е во интерес на државата и граѓаните

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со г-ѓа Корин Јонкер, шеф на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојните претседателски избори во Северна Македонија.

 

На средбата е оценета важноста на обезбедување услови за регуларен и успешен процес за спроведување на претседателските избори и за потребата од висока одговорност од страна на сите субјекти во државата, за да се осигура демократското изјаснување на граѓаните.

 

„Претстојните претседателски избори се исклучително важни и ние сме целосно посветени да спроведеме комплетно демократски, транспарентен и доверлив процес за остварување на кристално чисти и фер претседателски избори. За ова разговаравме и со лидерот на најголемата опозициона партија и отворени сме за продолжување на дијалогот со неа и со сите политички партии  во интерес на напредокот на Република Северна Македонија и за подобра иднина на нашите граѓани“, рече премиерот Заев.

 

Премиерот Заев додаде дека кампањата на кандидатите за претседател на државата, која започна пред неколку дена, се одржува во пријатна атмосфера подвлекувајќи ја посветеноста и одговорноста на Владата за обезбедување регуларен, слободен и успешен процес за избор на претседател на државата. На средбата се разговараше за повеќе актуелни теми со фокус на претседателските избори.

 

На средбата е изразена согласност за важноста на Извештајот што ќе го изготви ОБСЕ/ОДИХР за претстојните избори, со оглед дека Северна Македонија очекува почеток на преговорите со Европската Унија и отворање на поглавјата, што според  премиерот Заев, е исклучително важно со оглед на тоа што Република Северна Македонија е држава која ги почитува европските и демократските вредности и има единствена цел да  продолжи во тој правец.

 

Набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР внимателно ги следат процесите и активностите и работата на институциите, известувањето на медиумите за време на кампањата вклучително и мониторинг на денот на изборите, соработувајќи со делегации на набљудувачи  од  Парламентарното собрание на ОБСЕ и Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*