Премиерот Заев и министерката за одбрана Шекеринска на Дипломатската дискусија „Патот до Брисел“

Премиерот Зоран Заев и заменичка на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска,  денеска учествуваа на Дипломатската дискусија на тема „Патот за Брисел“, која по повод НАТО-неделата, што започнува на 3-ти април и пред чествувањето на „Денот на НАТО – 4 април“, беше организирана од Министерството за одбрана на Северна Македонија, Евро-Атлантскиот совет (АТА) и Амбасадата на Република Словенија во земјата.

 

Амбасадорите и претставници на земјите-членки на НАТО во своите дискусии едногласно дадоа поддршка за членство на Северна Македонија во Северноатлантската  Алијанса и Амбасадорот на Република Полска Војциех Тицињски во своето обраќање најави дека утре полскиот Парламент ќе го ратификува Протоколот за членство на Република Северна Македонија, изразувајќи безрезервна поддршка за политичкиот процес со цел остварување на евроатлантските аспирации на земјата.

 

„Со Вашата поддршка и со вредните реформски процеси и решавањето на клучните прашања за иднината на нашата земја, на 6 февруари оваа година, го потпишавме Протоколот за пристапување во седиштето на НАТО. Постигнавме една од нашите стратешки обврски, а тоа е да станеме членка на НАТО. Оваа историска одредница за нашата земја ја постигнавме со вложувањата на повеќе генерации кои не потклекнаа и напорно работеа за да ја реализираме нашата визија и стратешка цел: Да станеме дел од евроатлантското семејство“, истакна премиерот Заев., кој изрази уверување дека членството на нашата земја дополнително ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе има клучна улога во создавањето на нова, позитивна слика за регионот.

 

„Нема никакво сомневање дека членството во НАТО за нашата земја е гаранција за перспектива на безбедност и стабилност. Дополнително, тоа ги отвора хоризонтите за поголема предвидливост и јасна иднина за нашиот политички и економски прогрес.

Секако, тоа вклучува и соодветна рамноправно учество и во споделувањето на заедничките одговорности за активностите и за иднината на алијансата. Како идна, полноправна членка на НАТО, ние сме подготвени целосно да го споделиме товарот, должностите и одговорностите за зачувување на регионалниот и меѓународниот мир и стабилност“, рече премиерот Заев.

Тој посочи дека во таа насока, Владата на Република Северна Македонија, донесе одлука за зголемување на трошоците за одбрана за 0,2 проценти од Бруто домашниот производ (БДП), секоја година, имајќи силна политичка волја и посветеност за постигнување да бидат издвоени  проценти од БДП-то на нашата држава најдоцна до 2024 година.

 

Вицепремиерката и министерка за одбрана Шекеринска во својот говор истакна дека денешната ситуација кога Северна Македонија се наоѓа пред исполнувањето на својата стратешка цел, да стане 30-а членка на НАТО, пред само една година изгледала нереална и преоптимистичка, но резултатите и прекумерната работа го докажуваат спротивното.

 

„Тоа докажува дека нема преоптимистичка цел, ако има политичка волја и ако се работи резултатите доаѓаат. Работевме напорно на домашни реформи, на реформите во одбраната и со аргументи успеавме да ги убедиме и најголемите скептици дека оваа земја може да се трансформира, да отскокне од една кризна ситуација и да понуди модел на поинакво однесување на Балканот“, рече министерката Шекеринска, која додаде дека отворените врати во НАТО не се подарок, туку заработена шанса за нашата земја, и се заблагодари за поддршката од земјите членки на НАТО и нивните претставници на денешната дискусија.

Министерката Шекеринска истакна дека бенефитите од членството во НАТО се безбедноста и просперитетот и посебно  се осврна на прашањето, што НАТО ќе добие од својата нова членка.

„Ќе понудиме и нови шанси, во јуни на полигонот Криволак ќе се случи најголемата воена вежба на наша територија досега. Вежбата „Одлучен удар 19“ на која ќе учествуваат преку 3.000 војници, не само од Армијата на Република Северна Македонија туку и од САД, Бугарија, Албанија, Литванија и Црна Гора. Ова ќе биде за нас и чест и симболички знак за нашето идно членство во НАТО, но и голем предизвик и одговорност да докажеме дека како идна членка сме способни да се носиме со логистички, организациски и политички предизвици. Ќе покажеме дека и малите држави може да носат нова вредност“, порача министерката Шекеринска заблагодарувајќи се за ратификацијата на Протоколот, која заврши во 9 земји членки на НАТО и порача дека целта е процесот брзо и ефикасно да се заврши.

Денешната дискусија на тема: „Патот до Брисел“, според обраќањата на учесниците е со цел да се испрати силна порака до земјите-членки на НАТО Алијансата, за што поскоро завршување на правните процедури и ратификување на Протоколот за членство во Северноатлантската Алијанса со што Република Северна Македонија ќе стане 30-та полноправна членка на НАТО.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*