Министерот Бектеши и чешкиот заменик министер Мурицки: Со инвестирање во Северна Македонија до деловен развој на чешките компании

Денеска и утре Министерството за економија е домаќин на политичка и бизнис делегација од Чешката Република, по повод два паралелни настанa: Втората седница на Мешовитиот комитет по Договорот за економска и индустриска соработка меѓу двете земји, кој има за цел да ги поттикне меѓуинституционилните процеси, правци и конкретни проекти за соработка и денешниот Бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Чешката Република, со над 120 компании, кој се очекува да произведе подобри директни бизнис релации меѓу фирмите од двете земји, нови форми на соработка и успешни бизнис приказни.

„Владата на Република Северна Македонија во изминатиов период спроведе низа реформи и поттикна нови проекти за регионална соработка, со цел како земја, но и како регион да бидеме подготвени за влез во единствениот европски пазар. за бизнис секторот посебно интересен е Планот за економски раст и Законот за поттикнување на инвестиции, со кои за првпат овозможивме еднаков третман за сите инвеститори – домашни и странски. Со него понудивме мерки кои имаат за цел да го поттикнат растот и конкурентноста на економијата, преку поттикнување нови инвестиции, нови вработувања, поддршка на извозот и поттикнување на растот и иновативноста на малите и средни претпријатија“, рече министерот Бектеши во своето обраќање.

Тој стави акцент на реформите во енергетскиот сектор со кои предноста е на страната на обновливите извори на енергија и од каде наскоро ќе се создаваат услови за инвестирање во фотоволтаични централи, како и на новиот закон за минерални суровини, каде чешките искуства во проекти од животната средина можат да ни бидат од голема корист и ги покани чешките инвеститори дел од своето производство да го префрлат во пријателска Северна Македонија.

Неговиот чешки колега, заменик министерот за индустрија и трговија Едуард Мурицки, објаснувајќи дека Чешката Република има најниска стапка на невработеност во ЕУ, која изнесува 2,1%, подвлече дека Република Македонија претставува одлична можност за чешките бизнисмени со инвестирање во нашата земја да го решат проблемот со недостаток на работна сила, неопходна за деловен развој на компаниите.

„Покрај тоа, стоиме на располагање за помош и поддршка на вашата земја во претпристапниот период.  Приближувањето на Северна Македонија кон ЕУ ќе донесе нови побарувања за финансирање во земјоделството, животната средина, обработката на храна, нејзино пакување…Соработката со чешките компании ќе ви помогне подготвени да влезете на ЕУ пазарот. Нашиот интерес се енергетските проекти, десулфуризацијата на електраните, железничката мрежа, патиштата, но и модернизирање на здравството и туристичката соработка“, истакна Мурицки.

Министерот без ресор Зоран Шапуриќ им вети на чешките бизнисмени прошетка низ технолошко-индустриските зони, каде ќе можат да се запознаат и со поволностите кои ги нудат тие.

„Чешката Република е наш значаен трговски партнер и добар показател е што соработката се зголемува. Во вкупната трговска размена се наоѓа на 12. Место. Што е уште поважно за нас, Чешката Република по влезот во НАТО и ЕУ покажа најбрз економски раст, па нивната поддршка ќе ни биде добредојдена и од аспект на компании, и од аспект на институции“, објасни Шапуриќ.

Претседателот на чешката конфедерацијата за индустрија и трговија, Јарослав Ханак објасни дека нивното деловно здружение обединува фирми од најразлични сектори, како што се транспорт, водостопанство, автомобилска индустрија, заштита на животната средина и управување со отпад, а договорено е и потпишување на Меморандум за соработка со Сојузот на стопански комори на Северна Македонија кој ќе отвори нови можности за подобрување на комуникацијата меѓу компаниите од двете земји. Претседателката на ССК Данела Арсовска истакна дека перспективите за соработка се големи, од зголемување на меѓународната трговска соработка и намалување на јазот помеѓу извозот и увозот до заеднички настапи на трети пазари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*