Интегрален текст од говор на Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ од предизборниот митинг

Добровечер Охрид,

Добровечер победнички Охрид,

Добровечер победничка, честита, принципиелна, искрена Македонијо,

Добровечер ВМРО-ДПМНЕ,

Добровечер за Коалицијата „За подобра Македонија“,

Добрoвечер народе на Македонија,

Стопираа, прегледуваа, испитуваа, симулираа, сакаа да го спречат народот слободарски да дојде денеска овде да даде поддршка. Не успеаја, погледајте колку не има, победничка Македонијо!

Овде од Охрид од ова место ги почнуваме сите наши битки и сите наши патишта во овие изборни кампањи, тука е почетокот на сите наши премрежја, на сите наши мегдани, традиционално од Охрид, градот на историјата, градот на љубовта, на верните луѓе, луѓето кои што ја сакаат сопствената татковина. Градот каде Бог не штедел на убавините и богатата природа, местото кое на Македонија, но и на Светот му ги даде св. Климент и св. Наум, градот на големиот Прличев, местото каде живее пркоста на Методиј Патчев, се слави самопрегорот на Христо Узунов, се уште се пеат стиховите на Абраш

„црвено е небото в зори што се смее, црвено е знамето гордо што се вее;

И гневот е црвен на стари и млади”.

Гневот е голем, навистина голем од она што и го направија на Македонија. Затоа, добри луѓе, браќа и сестри, илјадници собрани овде, но и оние што се дома и што не следат, Ви порачувам и Ве повикувам, придружете ни се,  време е за акција, дојдете.

Во Охрид се слушаат татнежите на Петар Чаулев и на голем број Македонци. И не за бадијала го говорам ова, не за бадијала потсетувам на нивните дела и заслуги за нашата татковина, бидејќи секое од овие имиња нас длабоко не обрзува, и затоа ние се поклонуваме пред нивните имиња и ги почитуваме нивните дела, се она за што се залагале, се бореле и за сето она за кое што ги посветиле сопствените живот.  Прашањето е што е тоа добри луѓе, браќа и сестри,  одговорот секој еден овде го знае:

ТОА Е МАКЕДОНИЈА!

Охрид за кампањите на ВМРО-ДПМНЕ секогаш бил почетокот,  овој пат, крајот  на 21 април ќе биде повторно овде во Охрид. И знаете ли каков ќе биде крајот? Јас знам… ПОБЕДА. ПОБЕДА. ПОБЕДА!!!

Ќе победиме затоа што ја носиме вистината, ќе победиме затоа што овој плоштад е преполн со срца кои треперат, со души во кои пламти огнот за Македонија, ќе победиме бидејќи треба правда, ова е нашата борба против неправдите, борба против злото кое денеска ги преокупира нашите животи. Оваа наша битка денес нас не обликува и не дефинира.

Драги пријатели,

Има работи во животот за кои вреди да се бориш, ова е тоа време, ова е таа наша борба, ова е борбата на нашата генерација, ова е борбата  по која што ќе се паметат храбрите, мотивираните и одлучните.  Ова е борбата за иднината на Македонија.

Ова, браќа и сестри, драги сограѓани, не се само локални и претседателски избори, ова е многу повеќе од тоа. Ова се избори на кои  одлучува иднината Македонија,  нашата иднина, иднината на вашите семејства, ова е борба за правда, принципи и борба за вредности.

Ова е шанса за исправање на сите неправди сторени кон нашата татковина, кон вас, кон вашите блиски. Ова е неповторлива шанса да се матира Заевизмот кој го гуши секое парче слобода на овој простор.

Овие избори ќе дадат одговор на прашањето ќе не биде или нема да не биде, како Македонија, одговорот ќе го дадеме сите заедно најпрвин на 21 април, потоа на 5 мај, а веднаш потоа на предвремени парламентарни избори. Одговорот го знаеме, ќе не биде и тоа како ќе не биде.

Најголеми се оние победи кои што се извојувани со мудрост, решителност. Со едноставна одлука, да имаме победа над Заевизмот со гласачко ливче, и таква решителност ни треба на 21 април и 5 мај каде со вашата одлука влијаете на иднината. Ве молам, од срце ве молам, внимавајте нема простор ниту повеќе време за губење, ниту пак време за продолжена надеж дека ќе направат било што добро. Ајде да ги поразиме и да ги испратиме на темната страна на историјата и да го растераме овој дамаглов меч, надвиснат над нашата мила мајка Македонија.

Длабоко во себе сите чувствуваме немир дека Македонија со ова ја губиме. Било тоа да е името, идентитетот, македонизмот, Уставот, економската стабилност, слободата, губиме како држава на сите полиња. Секој ден од Македонија има се помалку. И нема повеќе простор за нови порази кои им ги носат на нашето општество, нема простор за нови поделби и конфликти. На поразите мора да ставиме крај. Доста е, чукна часот, дојде денот кога ќе се порази Заевизмот во Македонија!

Тие мислат дека се силни и моќни, додека ги газат дебелите килими, персијанците низ Светот, а заборавија дека народот дома едвај од први до први скрпува.  Нека продолжат да мислат така, ние ќе работиме, ќе покажеме мудрост и храброст и ќе ги победиме, толку силно што нема да знаат што ги снашло.

Тие носат неправди, ние ќе ги поразиме за да донесеме правда, тие се служат со невистини, ние ќе донесеме вистина.

Видовме не била работава ниту за правда, ниту пак било за мир, едноставно било, пари се во прашање, црни пари, пусти пари, привилегии и моќ. Тоа било во прашање, ниту правда, ниту мир.  До гуша земјата ја втурнаа во криминал и корупција. Велат ќе сме оделе напред. Каде ќе одиме напред, со аболирани политичари, денеска е први мај.. први април, намерно ја направив оваа грешка. Зошто ја направив оваа грешка, затоа што мислев дека денеска се шегуваат оние од судот кога рекоа дека тоа што сме го гледале не сме го гледале, а тоа што сме го слушале не сме го слушале, човекот бил невин. Верувате ли во тоа? Нека слушнат дали народот верува, никој не им верува. Затоа не е први мај, први април е. Мислев дека се шегуваат, но тие вистина зборувале, мртви сериозни, главна вест е денеска на сите вести, вие не сте гледале и не сте слушале, бил невин човекот.

Единствено каде одиме напред се листите каде се мери корупцијата и криминалот, е таму сме први. Нема ден да нема афера, а корупцијата го јаде секое здраво ткиво. И цело ова време сакаат да го скршат духот на народот, да го уништат карактерот на Македонецот, потребна им е таа рамнодушност која сакаат да ја наметнат, за да можат полесно да владеат, за да им поминува овој колективен грабеж незабележано, за да може да се богатат додека народот се занимава со оние приказни во кои и дури ниту тие  самите не веруваат, за розевата иднина на Македонија, па велат „одиме напред“. Го пресликаа несреќно, го украдоа дури ниту еден слоган не може да смислат.

Извршија напад на вашите сетила мислејќи дека така ќе ја прикријат реалноста, ќе го сокријат предавството. Сакаат да ја вакцинираат јавноста  кога државата ја губиме, и политички, и економски. Што се не поминавме во овој период, промена на име, идентитет, променет Устав, непринципиелни коалиции, виткање на кичма од власта за да ја скршат кичмата на народот, политички прогони, апсења, демонстрирање на сила, пропаганда со цел воспоставување на едноумие, влечкање на луѓе по затвори, трговија со притвори и договори, криминал, и тоа многу криминал, и таман мислеа дека ќе успеат, им пошло од рака да го скршат Македонецот, на овие избори ќе се соочат со две работи, првата се празните плоштади каде што ќе се обидуваат она ископирано невистинито лого дека оделе напред да им го претстават на граѓаните и уште еднашка да се обидат да лажат. И втората вистина со која што ќе се соочат се илјадниците граѓани кои што на овие избори ќе дадат поддршка за нашиот кандидат професорката Гордана Силјановска Давкова. А овде во Охрид побројни од било кога ќе дадат поддршка за нашиот кандидат и иден градоначалник на Охрид, д-р. Митре Милошевски. Голема поддршка за двајцата, идниот претседател и идниот градоначалник.

Гледај го овој народ Зоран Заев, види го народот, па самиот извлечи поука.   Готов си!!!

Подготви се за политичка пензија, нотвоите пензионерски денови нема да бидат мирни, бидејќи, денеска на први април ти го соопштија тоа што ти нареди, но биди подготвен да се соочиш со законот и со вистинската пресуда кога  ќе дојде денот, за сиот криминал и за сето ова што и го направи на нашата татковина.

Луѓе ваков лажов Македонија нема видено досега. Овој човек по кажување на лаги ги надмина сите други неславни ликови од независноста до денес. А ќе се согласите досега видовме многу вакви, но овој е принцот на лагите во политиката во Македонија. Заев кога збори за правда, е толку неверно, нестварно, како некој човек од Северна Кореја, политичар да ви збори за демократија.

Тие велат добро се живеело во оваа наша земја, а сите знаеме дека тоа се бајки, розеви очила потхранувани со парите на владината машинерија задолжена за ширење на лаги, лаги во кои дури и пропагандистите не можат да поверуваат. Лажгото, принцот на политичките лаги Зоран Заев изгради кариера со криминал, лаги и корупција, со злоупотреба на човечки судбини, и со трговија со свети работи. Но секоја негова лага се распрсна како меур од сапуница.

Како само злоупотребуваше човечки трагедии, велеше дека ќе ја каже вистината за Никола Младенов, мистифицираше, се плеткаше, даваше лажни надежи.  Се виде дека нема ништо од тоа. Сигурен сум дека нема прашано како е, како живее и  опстојува семејството на Мартин Нешкоски? А се сеќавате на тој случај кариера градеше и денеска е премиер. Сигурен сум дека исто така не ги прашал ниту семејствата на Мартин Јанушев, на малиот Саздо?! За него не беше тешко ниту да ги лаже родителите на децата убиено кај Смилковското Езеро, само за пуста власт и пусти пари. И ова е само еден дел. Сакам да потенцирам колку само пизма, и злоупотреби прави човекот кој сега е премиер.

Ајде добри луѓе, граѓани на Македонија. Станете да го поразиме, ајде да го избистриме ова политичко мочуриште, ајде да му  го покажеме местото на Зоран Заев и тие околу него.

Нема да заборавиме дека негов печат е дека фактот е аболиран човек, и дека лично тој седи зад историската неправда за промена на името и идентитетот. Со тоа треба да живее целиот свој живот, да се гледа во огледало и така да заспива и така да се буди. Жално за него, а болно за Македонија и болно за сите нас.

Тој е човекот кој не сака јавно да изусти дека живеат Македонци во Северна Грција, зборуваат на македонски јазик и се веселат на македонски народни ора и пеат македонски песни.

Досега историјата не памети ваков срам каков како што Заев и приреди на државата и тоа го направи преку газење на волјата на граѓаните изразена преку неуспешниот референдум на 30-ти септември.

Драги пријатели, добри луѓе, сограѓани соседи, колеги, сопартијци, но и сите останати. Нашите животи ја губат смислата, тогаш кога наместо да зборуваме, ние ќе замолчиме, ќе замолчиме пред неправдите. И затоа ве молам ние денес да сме гласни повеќе од кога било порано, затоа што само така можеме да ги исправиме неправдите и истите да ги победиме. Имаме неправда, потребна е правда. Ние ќе ја донесеме правдата во Македонија.

Неправда е кога родители на патриоти тажат за повеќе од двата века затвор за случајот од 27-ми април. А истовремено се прави широка амнестија на преку 800 осудени криминалци.

Неправда е кога ќе ви ги намалат пензиите, кога вакцините немаат квалитет, а воздухот убива, и кога лажно ќе ти ветат и нема да ти го ценат трудот. Неправда е кога ја нема ветената плата од 500 евра, додека сметките само растат и кога даноците и трошоците растат ли растат и за се се бара арач изразен во проценти од 5 до 15%, и кога наместо работа добиваш карта во еден правец, одиш  далеку од родното огниште, ја оставаш грутката овдека. Неправда е кога од правдата прават пазар, кога плукаат по АСНОМ, по Ченто, по Панко.

Сега повеќе од било кога овие 28 години е време за правда. Време е за повисоки пензии. Време е за квалитетно здравство. Време е трудот да биде ценет ветувања кои се остваруваат. Време е за повисоки плати. Време е вредните да работат без уцени. Време е иднината на младите да биде овде во нивната во татковината. Време е да се раскине со оние кои што брутално не лажеа. Време е Охрид да биде поубав, а Македонија достоинствена, честита и напредна.

Сите оние кои се колебаат да ни се придружат, ќе ги замолам и ќе им порачам, драги сограѓани ајде заедно да се бориме. Вреди да се бориме затоа што нашиот мотив е многу голем и се вика правда за Македонија.

Еден ден ќе помине време, многу Македонци ќе се запрашаат дали направивме се што можевме за да се избориме за работите во кои веруваме? Дали ја оправдавме големата одговорност која и беше дадена на нашата генерација? Во многу моменти од животот ќе забележите дека работите не биле фер,  дека некој тргува со работи кои се свети, ве притиска, прогонува, осиромашува И обесправува. Не се откажувајте, продолжете да се борите! Колку повеќе ви викаат дека е готово, ве тераат да се обесхрабрите. Драги мои сограѓани, браќа и сестри  не се откажувајте – борете се! Емоциите да ги претвориме во акција! Време е! Време е за правда, затоа што веруваме во Правда! Во химната стои дека Македонците се борат за своите правдини! Македонците не веруваат во власт, не веруваат во политичари – веруваат во Македонија! Ајде заедно да се избориме за Македонија! Македонија е радост, тага, болка, успех, суштина, пиреј, пред се и над се, наша Татковина! Барај те го најдоброто во себе! Дојде часот! Колку повеќе ти викаат дека нешто не е возможно ти треба да си повеќе мотивиран и да продолжиш да се бориш!

Докажи им дека грешат! Победи! Колку повеќе овој скршен и трул систем  те притиска, толку повеќе знај дека си на вистинската страна! На страната на правдата. На страната на Македонија! Приклучете се. Дојдете излезете,застанете рамо до рамо со нас! Ајде да го сонуваме сонот за оваа Македонија! Ајде да го раскажуваме сонот за оваа Македонија! Тој сон еден ден да стане јаве!

Еден ден ќе можете гордо пред себе да си кажете, јас излегов затоа што татковината ме повика. Јас бев еден од оние стотици илјади Македонци, граѓани на Република Македонија кои што ја донесоа правдата во Македонија!

А Македонија е нашата љубов, нашата емоција, инспирација и водилка во нашите животи. Нашата муза, и нашата страст. Северна е нивната, нашата е само Македонија. Земјата на нашите предци, на Рацин, Андреевски, на Мисирков. Делото почнато од Карев, идеалот на Делчев, сонот остварен на Ченто, Брашнаров и Шатев. „Верувам во Македонија” викаше Борис Трајковски, и се што до сега поминавме нема да биде залудно доколку ја сочуваме. Затоа ни треба претседател, ни треба претседател  кој ќе води, суверено, силно, уверливо и посветено. Професорката Гордана Сиљановска Давкова е таквиот избор. Исклучителен интелектуалец, без ниту една дамка во својата професионална и животна кариера. Борец. Цврст карактер.

Има противниците кои што ќе речат дека не критикувала во минатото, јас ќе речам да точно е тоа. Но тоа и дава огромна додадена вредност, таквата критика покажува дека професорката Гордана има интегритет и кредибилитет на кажаниот збор, а тоа во денешно време е најважно.

Ние сме генерација на политичари, генерација Македонци, генерација граѓани на Македонија, кои што ќе аргументираат со факти за своите политики и за своите позиции и чекори. И треба да се соочиме со фактите на соговорникот. И доколку нашите факти и аргументи се послаби, треба да ги прифатиме фактите и аргументите на соговорникот. Треба да ја гушнеме вистината затоа што вистината е таа која што  на крајот од денот победува, порано или подоцна. А вистината е една. Гордана ќе биде претседател, а Митре градоначалник.

На Македонија и треба лидерство засновано на кредибилитет и интегритет. Прашајте ги нејзините студенти, пријатели и познаници ќе ви кажат дека секогаш го кажува своето мислење, издржано, аргументирано. Тоа е лицето на вистината и правдата. Дојде тоа време кога ќе се стави крај на сите оние транзициони политичари, и дојде тоа време кога ќе се избере цврста жена како претседател на државата Македонија, Република Македонија. Претседателка која ќе се стави на страната на правото и правдата, која ќе се бори за закони во рамките на Уставот, која ќе гради дипломатија базирана на компетенции.

Претседателка која ќе биде баланс на властите, ќе се бори за секој еден граѓанин и која ќе биде вашиот глас во политиката. Претседателка на сите, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, Египјани и нека ми простат сите останати кои што не ги спомнав. Претседателка која ќе се бори за Европските вредности како принцип, а не како празна реторика, и ќе се бори за имплементирање на тие стандарди кон кои сите ние заедно се стремиме.

Од другата страна го имате Стево Пендаровски, запаметете и не заборавајте, и ве молам ширете, гласот за Стево  е глас за Зоран Заев и сите неправди кои што ги донесоа. Заев и Стево се лице и опачина на една иста паричка. И нема да трошам повеќе време, толку за нив, се е јасно и се кажано.

Драги сограѓани, време е да се избориме за поубав Охрид. Митре Милошевски како врвен хирург го посвети својот живот  работејќи со луѓе, помагајќи да ја остварат својата среќа и да го зачуваат своето здравје, а сега, сега е подготвен да помага и да го крене од пепел градот убав Охрид.

Јас знам, сигурен сум дека тој ќе најде време и да продолжи со својата професија како хирург, но и да го води градот, бидејќи е способен, кадарен човек, домаќин еснаф, кој што сите го знаат.

Охрид, Охрид заслужува многу повеќе од тоа што денеска го има. Неасфалтирани улици, гломазна и нефункционална администрација. Охриѓани да немаат квалитетна водоводна и канализациона мрежа. Нашата цел е голема. А таа цел е заедничка со Митре, таа цел е убав град и затоа ве повикува Охрид да застанете и да го поддржете Митре, да го поддржите Митре за градот убав да го дадете својот глас на 21-ви април.

Знам дека 21-ви април Охрид и охриѓани ќе добијат градоначалник каков што заслужуваат.

Сосема на крај би сакал да кажам една случка која што с случи, колкава е голема љубовта за Македонија.

Тоа сакам да го илустрирам преку примерот кој што се случи овде во овој град преку двајца млади луѓе.

Моите соработници имаа предлог во рамките на политичката кампања да се прикаже храброста, пркосот, силата и честа на нашиот народ преку пливање, за кое треба фокус, концентрација, издржливост, мудрост, стратегија, какви што и се потребни на Македонија во моментов.

Им реков, луѓе март е, ладно е. По неколку дена се распрашале, доаѓаат кај мене, и ми велат, Претседателе има двајца млади од Охрид, Тијана и Тео се викаат, сакаат да покажат преку личен пример дека нема нешто што не  може да се реализира ако си мотивиран, храбар и доволно сакаш тоа да го направиш.

По долги консултации со медицински лица за ризиците и можностите, ги запрашав Тијана и Тео, дечки дали сте сигурни дека можете да го направите ова што сте наумиле да го направите, да пливате во езерските вода со температура пониска од 10 степени?

Се завртеа и двајцата рекоа

Ова што го правиме претседателе, го правиме за Македонија. .

Ова е нашата борба, борбата на нашата генерација, ова е нашиот пример со кој сакаме да покажеме дека за Македонија се би сториле!

Капа долу, секоја чест Тијана и Тео. Браво дечки секоја чест и капа долу Ви се поклонувам.

Тие двајца сакаа преку сопствен пример да покажат дека превземаат голема одговорност, исто како и нивната генерација. Се борат за идеал и принципи. Веруваа во својата сила. Не бегаа од предизвикот, се впуштија во него.  Знаеја дека е тешко. Но така е во животот, така и е на Македонија, многу тешко се живее во моментот. Проблемите се големи. Противникот не бира средства. Сака да не совлада сите нас. Но ќе му порачам ние – нема да се предадеме.

Нема предавање Зоране Заев, одиме до крај и ќе те поразиме и на 21-ви и на 5-ти мај а потоа и на предвремени парламентарни избори.

Имаме сила, и знаеме  како да победиме!!! Ние сме вистинската страна.  Страната на правдата. Страната на Македонија.

Време е за акција. Време е за одлука.

Зората изгрева, затоа што ние знаеме што треба и како треба тоа да го направиме, да создадеме подобро утро, да ги решиме проблемите и да не ги оставаме истите за нашите деца. Зората која изгрева не значи само нова надеж, значи и вистински вредности и вистинска благосостојба. Таа зора носи правда за секој еден од нас, носи еднаквост, можности пред и над се подобри времиња. Зората која изгрева носи почит, достоинство и успеси, и таа пред се носи љубов, ја сака Македонија. Затоа, изгреј зоро на слободата и донеси правда за Македонија, татковината ве повикува.

Да живее ВМРО-ДПМНЕ!

Да живее заедничка, суверена и независна Република Македонија!

Да сте ми здрави и живи. Да живее коалицијата „За подобра Македонија“!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*