Состанок на МНР Никола Димитров со делегацијата од COWEB/COELA од Брисел

МНР Никола Димитров, денес одржа средба со делегација од Брисел од составот на работните групи COWEB (за Западен Балкан) и COELA (за проширување) од Европската унија. Делегацијата од COWEB/COELA е во работна посета на Република Северна Македонија, во организација на Делегацијата на ЕУ во Скопје и Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, со цел размена на мислења и презентација на тековните достигнувања во делот на реформите поврзани со европската агенда на земјата.

Министерот Димитров во своето обраќање пред гостите информираше за тековното спроведување на обврските од Договорот од Преспа, а се осврна и на преземените активности во контекст на што поскоро започнување на пристапните преговори со Европската унија. МНР Димитров ги пренесе генералните очекувања за континуирана поддршка од Европската унија и од сите нејзини земји-членки, во овој значаен период за земјата и нејзините европски аспирации, но и европската иднина на  Регионот во целина.

Притоа МНР Димитров нагласи: 

„Искрено верувам дека Република Северна Македонија годинава претставува приказна на надеж за Регионот и за Европа во целина, која треба да биде препознаена и охрабрена од Европската унија. Постигнавме историски пробив во односите со нашите соседи преку договорите со Бугарија и Грција, а дома континуирано работиме на спроведување на реформите, подобрување на начинот на владеење и унапредување на општествените процеси. Патот е долг, но правецот кон кој се движиме и вредностите кон кои се стремиме се јасни и недвосмислени. Одлука за почетокот на преговорите ќе го верификува и засили овој тренд. “

„Нашата најважна задача во моментов е да се европеизираме преку темелна општествена промена и фокусирање на нештата што значат. Само така ќе успееме да ги задржиме идните генерации и да обезбедиме стабилност и просперитет. Во контекст на Регионот тоа би значело почеток на еден позитивен натпревар, своевидна „олимпијада на реформи“, втемелена на единствената одржлива визија за нашата заедничка иднина – да се реформираме,  да понудиме подобар живот за нашите граѓани и да создадеме Регион на вредности и мостови, наместо граници. Влогот е голем и заеднички – ние мораме да работиме и испорачуваме аргументи и резултати, а Брисел и земјите членки мораат да не оценуваат строго и објективно и соодветно да ги вреднуваат нашите напори.“    

На средбата, претставниците од земјите-членки на Европската унија дискутираа за реформските процеси и претстојните активности во земјата кои се очекува да бидат преземени до состанокот на Советот на ЕУ во јуни годинава.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*