Министерот Поповски на конференција на тема “Предизвиците на медиумската саморегулација во регионот на Балканот и Турција”

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, денеска имаше обраќање на конференцијата на тема „Предизвиците на медиумската саморегулација во регионот на Балканот и Турција” во организација на Советот за етика во медиумите (СЕММ) .

 

„Во насока на обезбедување на услови за квалитетно новинарство во дигиталната ера, политиките на Владата секогаш ќе се раководат од тоа што медиумите и медиумските професионалци ќе го утврдат како највисоки етички стандарди во остварувањето на нивната благородна професија” – истакна Поповски во своето обраќање.

 

Говорејќи за поддршка на слободата на изразување и создавање на услови за најдобри новинарски практики, министерот укажа дека Владата на Република Северна Македонија уште на една од своите први седници усвои изјава за изразување силна политичка волја, како и поддршка на Владата и на нејзините институции, за континуирана примена на етичкиот кодекс за медиумско известување, и за силно охрабрување на примената и почитувањето на системот за медиумска саморегулација. ​

 

„Саморегулацијата на медиумите како принцип кој произлегол од самите медиуми и од професионалците во нив, има за цел да ги заштити основните интереси – слобода на изразувањето, а во, исто време, да ја врати довербата на јавноста во однос на нивните медиумски содржини. Најчесто споменувано мото од застапниците на овој систем е: Колку повеќе саморегулација – толку помалку државна регулација” – истакна Поповски додавајќи притоа дека со ова мото целосно се согласува и искрено верува во него.

 

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност истакна дека реакциите и укажувањата на саморегулаторните тела мора да добијат на видливост во самите медиуми,да стекнат почит и вреднување во јавноста. Од таму треба да дојдат и иницијативите насочени кон борбата против лажните вести и дезинформациите, и за повторно воспоставување на кредибилитет на новинарите и на взаемната доверба меѓу медиумската заедница, публиката и општествените институции, додека властите во секоја држава имаат обврска да бидат целосно отворени и отчетни и своите политики да ги стават на увид на медиумите и јавноста.

На настанот свои обраќања имаа и амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Ваутер Пломп, Марина Тунева и Катерина Синадиновска од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*