Од 127 седница на Владата на РСМ: Се подготвува ИКТ стратегија за правосудството

Владата на Република Северна Македонија на денешната 127  седница ја разгледа и усвои Информацијата за подготовка на Стратегијата за информатичко – комуникациска технологија во правосудството 2019 – 2024, со Акциски план.

 

Стратегијата за ИКТ во правосудството е во согласност со европските и меѓународните стандарди, со цел да се зголеми пристапноста, навременоста и лесното користење на правосудните услуги за сите корисници, да се подобри квалитетот на податоците, заштитата и безбедноста, како и соработката со други правосудни системи, институциите на Европската Унија, нејзините земји-членки и меѓународните организации.

 

Стратегијата за информатичко-комуникациска технологија во правосудството на Република Северна Македонија е во функција на модернизирање на информатичко-комуникациска технологија во правосудството како една од најбитните реформи во РСМ, заклучи владата на денешната седница.

 

На оваа своја седница министрите во Владата ја разгледаа и усвоија и Информацијата за реализација на Проектот „Младинска картичка“, кој има за цел да го олесни и подобри секојдневието на младите со поволности кои ќе опфатат повеќе категории како попусти во угостителството, трговијата, пристапот до едукативни центри и културни и спортски настани, како и за патувања во земјата и во странство.

 

Со информацијата Владата на РСМ донесе и заклучок одредени министерства да се вклучат во проектот за поволности за младите од 15 до 29 години, како и препорака за единиците на локалната самоуправа исто така да станат дел од реализацијата на овој проект.

 

Втората фаза од „Младинската картичка“ е вклучување на националната картичка кон системот „Европска младинска картичка“ кога младите од нашата земја ќе можат овие бенефиции да ги уживаат и во земјите членки на ЕУ.

 

На денешната седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата во врска со  отпочнување активности за спроведување на Стратегија за развој на женското претприемништво во Република Северна Македонија 2019 – 2023, со Акциски план, и ги задолжи сите органи на државната управа, за кои има предвидено активности во Акцискиот план за спроведување на Стратегијата за развој на женското претприемништво во Република Северна Македонија 2019 – 2023, средствата потребни за реализација на активностите да ги планираат во своите годишни буџети за тековните години согласно временската рамка.

 

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, на денешната седница е усвоена  Информацијата со Предлог за воспоставување на Ресурсен Центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање (Center of Exellence on Gender Responsive Budgeting).

 

Ресурсниот Центар за родово одговорно креирање на политики и буџетирање ќе обезбедува експертска поддршка, добри практики, истражувања и обуки за градење на капацитетите на државните службеници во областа на родовото одговорно буџетирање за вклучување на родовата компонента во јавните финансии, управувањето и креирањето политики.

 

Владата на РСМ на денешната седница даде позитивно мислење на иницијативата на група пратеници за автентично толкување на член 115 од Законот за данок на личен доход.

 

Според предлагачите на барањето за автентично толкување, одредбите од овој член предизвикуваат различни толкувања и примена и ги става во различна положба здруженијата на граѓаните и фондациите како даночни обврзници пред Управата за јавни приходи, а кои произлегуваат од Законот за здруженија на граѓани и фондации и од Законот за персонален закон на доход.

 

Со ова ќе се оневозможи различните толкувања да ги ставаат институциите во функција на политички притисоци врз граѓанскиот сектор, нешто што беше пракса за време на претходната влада.

 

Воедно, ова автентично толкување ќе овозможи непречено практицирање на слободата на здружување и на дејствувањето на граѓанските организации и ќе обезбеди исправање на неправдата нанесена врз граѓанските организации кои беа предмет на интензивни даночни инспекции во периодот на претходната Влада.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*