Учество на МНР Никола Димитров на меѓународната академска конференција во Атина

На следниов линк може да го преземете видеото од обраќањето на МНР Димитров:

https://wetransfer.com/downloads/7dd56af5ee800e050777c5caf30e707b20190316152631/a976f044b2950079707f8cb6f4bb741420190316152631/48d60d

 

На покана на поранешниот  министер за надворешни работи на Република Грција, Никос Коѕијас, денес, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше на меѓународната академска конференција по повод одбележување на дваесет годишнина од основањето на одделот за меѓународни и европски студии на Универзитетот во Пиреас. На конференцијата насловена „Грчката надворешна политика во 21 век“, МНР Димитров имаше свое обраќање на панелот тематски посветен на „Трансформацијата во Југоисточниот Медитеран“.

 

Во текот на своето обраќање на конференцијата, МНР Димитров се осврна на потпишаните договори со Република Бугарија (за Пријателство, добрососедство и соработка) и Грција (Преспа), и на нивното влијание во подобрувањето на односите и соработката во регионот. За Северна Македонија, истакна Димитров, меѓу другото, ова значеше отворање на патот за членство во НАТО и ЕУ.

 

МНР Димитров: „Тоа исто така е победа на надежта над другите емоции, победа на долгогодишно лидерство над дневната политика. Тоа не се случува често, бидејќи најлесно е да не се допира проблемот или да се допре на начин што ќе донесе дневно политички поени. Она што беше тешко е да се најде решение, компромис”.

 

Министерот во своето обраќање говореше и за Регионот: „Имаме легитимен удел во нашата регионална стабилност и сметаме дека за нашиот регион не постои друга алтернатива од европската иднина.”

 

„Не можеме да чекаме работите да се случат сами по себе во нашиот регион. Мора сами да ги создадеме. Единствен начин тоа да се направи е преку создавање пријателства, отворање врати, градење мостови на разбирање и унапредување на демократските процеси во нашите општества.”

 

„Мора да сме обединети за важните прашања ако сакаме како регион да бидеме чуени, препознаени на глобалната сцена”.

 

Во рамките на работната посета на Атина, покрај средбата со Претседателот на грчкиот Парламент, Николаос Вуцис, МНР Димитров денес оствари билатерална средба и со својот хомолог, грчкиот МНР Џорџ Катругалос,  на која се разговараше за повеќе аспекти поврзани со имплементацијата на Договорот од Преспа, со цел зајакнување на позитивниот тренд во унапредувањето на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Грција. Исто така, се разговараше и за претстојната посета на премиерот Ципрас, како и за конкретна политичка поддршка од страна на Атина за европските интеграции и отпочнувањето на пристапните преговори со нашата земја.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*