Премиерот Заев со Теохаропулос: Договорот од Преспа е историски чекор и иднината ќе покаже дека е корисен за граѓаните и на Северна Македонија и на Грција

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска се сретна со Танасис Теохаропулос, претседател на политичката партија ДИМАР и пратеник во грчкиот Парламент, придружуван од неговите соработници.

 

На средбата, премиерот Заев посакувајќи им топло добредојде на гостите од Грција, ја истакна нивната храбра одлука како партија да го поддржат Договорот од Преспа, со што, како што подвлече Премиерот се преземаа конкретни чекори за реализирање на историските достигнувања за двете земји.

 

„Драги пријатели, сакам да Ве охрабрам и да Ви ветам дека отвораме ново поглавје на пријателство, поблиска соработка и стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Грција, што ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните на обете земји“, рече премиерот Заев додавајќи дека Договорот од Преспа придонесува кон регионална стабилност и соработка, и е добар модел за целиот Балкански Полуостров.

 

Лидерот на Демократската левица, Теохаропулос, кој во грчкиот Парламент гласаше за ратификација на Договорот од Преспа и беше избришан од Движењето на промена, коалицијата на ПАСОК и Демократска левица, поради различниот став од мнозинството пратеници на Коалицијата, на премиерот Заев му упати честитки за исправната одлука во врска со Договорот од Преспа, која како што истакна е еден вид победа над национализмот.

 

Беше истакнато дека Северна Македонија ја има целосната поддршка за приемот во НАТО и беше понудена соработка за што поскоро исполнување на условите за почеток на преговорите со Европската Унија.

На средбата, соговорниците изразија одлучност за унапредување на меѓусебната доверба, разбирање и поддршка во иднина и развивање и зајакнување на веќе поставената економска и трговска соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*