Средба на премиерот Заев со израелскиот министер Елкин: Поздравени се храбрите и успешни политики за НАТО и ЕУ интеграциите, најавена е поддршка за интеграциите и подлабока економска соработка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Зеев Елкин, министер за Ерусалим и заштита на животната средина на Израел.

 

На средбата е изразена поддршка за позитивните промени во нашата држава, реформските процеси, градењето клима на доверба меѓу граѓаните, напредокот во воспоставувањето добрососедски односи. Поздравена е изразената храброст и успехот на политичките процеси важни за евро-атлантските интеграции. Во таа насока поддржани се отворените НАТО интеграции на Република Северна Македонија и европските аспирации на државава. Заеднички е констатирано дека сето тоа овозможува дополнително продлабочување на економските односи помеѓу Република Северна Македонија и Израел. Разговарано е и за изразениот интерес од Владата во Израел за подлабока економска соработка со нашата држава како и за поддршка во интеграциските процеси.

 

-Очекуваме до крајот на годината да станеме 30. земја членка на НАТО и да ги отвориме пристапните преговори со ЕУ со цел полноправно членство во Унијата. Овие процеси за граѓаните и за државата значат стабилност и безбедност, но и економија. Импактот, влијанието врз економијата, од овие процеси е веќе видлив. Странските инвеститори се позаинтересирани за инвестирање во Република Северна Македонија. Во нашата држава се присутни компании од Израел и наша определба е да се развие економската соработка, рече премиерот Заев.

 

На средбата се разговараше за можноста за подлабока соработка во областа на земјоделството, туризмот, за примена на искуства од Израел на полето на технологијата, за реализацијата контакти со бизнисмени од двете земји, со цел дополнително мотивирање на соработката.

 

Израелскиот министер Елкин се заблагодари на премиерот Заев за поддршката во одбележувањето на 76-годишнината од депортацијата на Евреите, што се одбележува денеска во Скопје, за одржувањето на значењето на Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, на Ерусалимската патека кај еврејските гробишта во Битола. Премиерот Заев констатираше дека Република Северна Македонија и Израел се пријателски земји коишто немаат отворени билатерални прашања и дека низ почитта на културата и традицијата меѓу двете земји, односите може само да се развиваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*