Денес, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, оствари средба со Шефот на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојните претседателски избори, Корнелија Јонкер.
На средбата, Министерот Димитров ја запозна соговорничката со актуелната политичка ситуација во земјата и реформските активности на Владата во насока на унапредување на владеењето на правото, човековите права и демократијата. Исто така, МНР Димитров изрази благодарност за позитивниот одговор на неговата покана до ОДИХР, а во име на Владата на Република Северна Македонија, за набљудување на изборите.
Г-ѓа Јонкер, претставувајќи ги основните цели на Набљудувачката мисија, истакна дека покрај набљудувањето на изборниот процес, Мисијата одблизу ќе го надгледува исполнувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, имплементацијата на изборното законодавство, како и изборната кампања во медиумите според утврдената методологија на ОДИХР. Заемно беше изразена подготвеност, по претседатеслките избори, да продолжат активностите за реформа на изборното законодавство со поддршка и на експертите на Организацијата.