Царовска на дебата за вработеноста на младите: Во Оперативниот план одвоивме 44 милиони денари за 1.625 невработени млади да се стекнат со практични вештини

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска учествуваше на панел дебата „Високообразовани, а нископлатени: Вработеност на младите“, организиарна од Finance Think. На дебатата се зборуваше за положбата на младите на пазарот на трудот и за младинската вработеност во Северна Mакедонија, Србија и Црна Гора.

Министерката го презентираше делот од Оперативниот план за 2019 година којшто е посветен на Младинската гаранција, но и на практиканство, како и законското решение за практиканство кое што е во фаза на носење.

„Главна цел на Владата е да создаваме повеќе и поквалитетни работни места. Младинската гаранција е една политика која што оваа Влада ја воведе како единствена земја на Балканот која што не е ЕУ членка со цел да ја вратиме довербата на младите лица во институциите, во Агенцијата за вработување, но исто така и да ги поврзаме младите со работните места коишто се нудат “, изјави Царовска.

Земајќи го предвид одличниот успех на програмата, Гаранцијата за млади продолжува и во 2019 година, со тоа што ќе се опфати територија на Република Северна Македонија со посебен акцент на трите региони: Североисточен, Југозападен и Полошки регион, а планираниот опфат на учесници е околу 9.500 млади лица. Во Оперативниот план за вработување за 2019 година се издвоени речиси 44 милиони денари, за мерката Практиканство, со што се овозможува поддршка за 1.625 невработени млади да се стекнат со практични вештини за да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и полесно да најдат работа.

Во рамки на програмата за самовработување, МТСП нуди од 5 до 10 илјади евра неповратна финансиска помош за отворање на сопствен бизнис, а младите се една од приоритетните групи. Оваа мерка се поврзува и со Фондот за иновааци и технолошки развој, за сите бизниси кои имаат иновативна компонента да можат да ги користат финансиските средства од порграмите на Фондот и да станат одржливи бизниси. Со ОП 2019, меѓу другото се овозможуваат обуки за побарувани занимања и занаети, како и обуки за дигитални вештини.

„ИТ-вештините се нешто коешто во Северна Македонија е побарувано како работна вештина и затоа од 9 милиони денари кои што лани беа вложени во ИТ-вештини оваа година се вложија 43 милиони денари и со тоа опфатот на млади лица, но и различноста на ИТ-вештините кои што ги нудиме во Оперативниот план за вработување се навистина големи. И со тоа очекувам  младите  да го прифатат овој предизвик да се едуцираат ИТ и да се стекнат со работни места кои што се високо платени. Како Влада продолжуваме да работиме. Ова е само почеток на вистински позиции или вистински политики кои што на младите ќе им дадат можност да останат и да се чуствуваат безбедно во нашата држава“, додаде Царовска.

Уште една новина во ОП 2019 година е поддршката за обуки во самите фирми. Целта на овие обуки е младите невработени лица да развијат компетенции и вештини и да се вработат на специфични работни места во компаниите во кои ќе ги посетуваат обуките. Со оваа мерка од една страна се овозможува вработување на младите невработени лица, а истовремено се задоволуваат потребите за кадар на компаниите.

Министерката упати благодарност до Finance Think и сите организации кои истражуваат и анализираат, истакнувајќи ја нивната важна улога во креирање успешни политики.

На панел дебатата учествуваа и Даниела Зампини од Меѓународна организација на трудот, Дона Костуранова од Фондација Вестминстер, Дијана Десподов од Американска стопанска комора и Благица Петрeски од Finance Think.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*