Премиерот Заев на средба со претставници на здружението „Стар Лагадин“: Неопходно е да се почитува одлуката на в.д градоначалникот и на советниците на Општина Охрид

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во придружба на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, денеска прими делегација на Здружението на граѓани „Стар Лагадин“, кои на средбата ги изнесоа ставовите за изградбата на хотелот, како и загриженоста од заканата од оваа градба за заштитениот појас на Охридското Езеро.

 

Во разговорот, претставниците на здружението „Стар Лагадин“ изразија надеж дека одлуката на в.д. градоначалникот на Општина Охрид да го поништи одобрението за градба на хотелот, овој пат ќе биде трајна, бидејќи, како што велат тие, во донесувањето на одобрението за градба имало повеќе прекршувања на постапките.

 

Премиерот Заев на средбата истакна дека, тргнувајќи од принципите за заштита на природното и културно-историското богатство на Охрид и на Охридското Езеро, впишани во Листата на светско наследство на УНЕСКО, неопходно е да се почитува одлуката на в.д градоначалникот и на советниците на Општина Охрид за запирање на градбата, и дека во меѓувреме ќе се бара правната основа за трајно решавање на ова прашање.

 

Во разговорот, во кој активно учествуваше и министерот за транспорт и врски Сугарески, беше речено дека, во рамките на надлежностите на министерството и на локалната самоуправа, конечното решение за ова прашање може да се очекува од одредбите на новиот Предлог-закон за урбанистичко планирање којшто е во собраниска постапка и чие донесување се очекува наскоро.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*