Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа настан на кој се потпишаа првите договори од инвестицискиот оглас за закуп на државно земјоделско земјиште со агробизнисмени и земјоделци кои ќе развиваат инвестициски проекти во преработувачки капацитети покрај примарното производство.
По тој повод свои воведни обраќања на настанот имаа претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.
„Денешното потпишување на првите договори за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп над 3 хектари, е уште еден показател за нашата цврста заложба да креираме политики кои ќе придонесат за модерно и европско земјоделство.
За прв пат државата доделува државно земјоделско земјиште под закуп за кое што земјоделците и агробизнисмените имаат можност освен за примарно производство да подготват и бизнис план за преработувачки капацитети.
На овој начин го заокружуваме синџирот помеѓу примарното и финалното земјоделско производство и креираме услови за конкурентни производи со повисока додадена вредност. Тоа е исклучително важно за нашата држава.
Вкупната инвестиција на сите 20 прифатени договори изнесува 11 милиони евра, износ кој што ќе се вложува во следните 5 години во инвестициски проекти за винарници, кланични капацитети, млинови, оранжерии и откупни центри.
Она што е најважно, е дека преку овие инвестиции во земјоделската преработувачка индустрија ќе се создадат услови за обезбедување на сигурен пласман на земјоделските производи, решавање на проблемот со вишоците, како и отворање на нови работни места.
На тој начин значително ќе се придонесе и за рамномерен регионален развој, а со тоа ќе се подигнат и стандардите за производство во земјоделството и ќе се доближат до европските.
Овие нови инвестиции во земјоделството и заинтересираноста за овој оглас, покажуваат дека Владата на РСМ во овој сектор создава поволна бизнис клима.
Довербата на земјоделците и на агробизнисмените за инвестиции во земјоделството, се зацврстува. Тоа за нас како Влада претставува дополнителен мотив да продолжиме со креирање на ефикасни политики во интерес на земјоделците.
Развојот на земјоделството е еден од приоритетите на Владата на Република Северна Македонија, како сектор кој има значителен удел во економскиот раст и е еден од столбовите на македонската економија.
Преку континуираната и силна поддршка за земјоделството, градиме силна економија која отвора шанси за сите.
За самиот крај дозволете ми да им честитам на присутните потписници, но и на оние кои ќе ги потпишат договорите во следните денови, Ви посакувам успешна реализација на инвестициите и ова нека биде мотив и за сите други заинтересирани земјоделци да аплицираат на следните огласи и да започнат сопствен агробизнис. Искрено од мое име и од име на Владата честитки и сметајте на нашата поддршка“.