Стево Пендаровски, кандидат за претседател на Република Северна Македонија

Почитувани претставници на медиумите,  Драги пријатели,

 

Сакам најискрено, да ви се заблагодарам на изборот кој го направивте денеска. За мене претставува огромна чест што сум поддржан од 31 политичка партија, од претставници на сите етнички заедници, но и претставници  на многу наши граѓани кои воопшто не се членови на политички партии, а на кои, нашата Македонија им лежи на срцето.

 

Посебна благодарност сакам да изразам до политичката структура, до СДСМ и лично до премиерот Заев, кои направија политички потег без преседан, по пет години да ми дадат шанса повторно да влезам во трката за претседател, откако во 2014-та, сите ние, бевме предмет на брутален изборен инжинеринг.

 

Чувствувам во оваа ситуација, во овој момент, посебна одговорност, јавно, да им се заблагодарам на останатите кандидати за начинот на кој се презентираа себе си во изминатиот период, максимално достоинствено, без потценувањена останатите и без да го разнишаат,ниту за милиметар, политичкиот проект со историски пропорции, за кој се бориме заедно, со години. И Радмила, и Оливер, и Никола, се прво мои пријатели со години, а дури потоа соборци за истата кауза. Апсолутно сум убеден дека тоа така и ќе остане и кога никој од нас повеќе нема да биде  во политиката.

 

Посебно ми е е драго што за прв пат во независна Македонија, пред избори, зад мојата кандидатура застануваат и три политички партии на етничките Албанците кои се дел од владата, а и оние во опозиција, иако ќе одат со свој кандидат, немаат приговор за моите ставови за меѓуетничката толеранција и улогата и местото кое Албанците мораат да го имаат во заедничката држава.

 

Драги пријатели,

 

Ова за мене е посебно емотивен ден, затоа ќе ми дозволите уште малку патетика на која, инаку, не сум склон. Се познаваме сите и знаеме дека заедно сме поминувале низ сите изборни голготи од 2011-та, кога дојдовме толку блиску до рушење на диктатурата. Контра ударот на власта,тогаш, кон опозицијата и кон медиумите беше суров. Некои од нас се поколебаа, некои се продадоа. Во 2014-та, против диктатурата излеговме за прв пат со платформакоја имаше за цел да ги обедини сите етнички заедници зад еден кандидат и тогаш, исто така за прв пат, нашите сограѓани- Албанци гласаа во поголем број за кандидат- етнички Македонец. Тоа го заокруживме во 2016-та со концептот “Едно општество за сите”, што беше уникатна, добитна предизборна стратегија која не е забележана никаде до сега на Балканот, ниту во југоисточна Европа по падот на комунизмот.

 

По сите параметри,оваа генерација на македонски политичари, на чело со Заев, веќе направи чудо со тоа што го сруши режимот на избори и што постигна договор со Грција на достоинствена основа со целосна заштита на нашиот идентитет. Настрана политичката пропаганда или опозиционата реторика, тие две достигнувања, со рационални аргументи, не можат да ги оспорат ниту нашите најжестоки критичари. Овие луѓе и ништо друго да не направат во своите политички кариери, а ќе направа, само овие 2 работи им се доволни за историјата да ги памети и постави на нејзините светли страници.

 

Почитувани,

 

Денес, мене, вие ми дадовте голема политичка одговорност, која во месеците и годините што се пред нас имам намера да ја оправдам во целост, во интерес на подобриот и посреќен живот на сите наши граѓани. Денес сме 5 години постари, (особено некои од нас), но, ве уверувам дека ја имаме истата страст и енергија како и во 2014-та, да покажеме дека во овие турбулентни времиња, на овој дел од Балканот, токму оваа политичка опција и токму овие луѓе најдобро го разбираат историскиот контекст и сакаат, конечно, да го заокружат проектот на интегрирана, демократска и мултиетничка Република Северна Македонија.

 

На 21 април и на 5 мај нема да се решава за нечија политичка кариера, тоа ќе биде најмалку битно. Далеку поважно е да покажеме дека во една мултиетничка држава на Балканот е возможно, луѓе од различни етникуми да се обединат зад исти цели – членство во евроатлантските интеграции, закони кои ги унапредуваат правата на граѓаните, и политички претставници кои ги надминуваат и поминуваат вековните етнички линии на поделба.

 

Од Република Северна Македонија, во последниве 2 години почнаа да доаѓаат убави вести, по цела една деценија автократски режим на фамилијата. Посакувам, со наш заеднички ангажман, во наредниве месеци да создадеме уште една таква вест која сите искрени борци за слобода и демократија, не само овде, туку и пошироко во регионот и Европа, ја очекуваат со нетрпение.

Ви благодарам за довербата и ве повикувам да се вложиме сите за Македонија, за Македонија да биде на сите!

 

На крајот, да не забравам, на 5-ти мај, немаме друга алтернатива, немаме друга опција, освен да победиме. Одиме!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*