Вицепремиерот Анѓушев и министерот Бектеши: Со изборот на универзален снабдувач заштитен е интересот на граѓаните

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа прес-конференција на којашто се обратија заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Комисијата за избор на универзален снабдувач, академик Глигор Каневче и ги  споделија информациите и резултатите од одржаната електронска аукција на којашто конзорциумот ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електроснабдување ДООЕЛ Скопје понуди најниска маржа од 11.5% и со тоа ги исполни условите да стане најповолен понудувач за универзален снабдувач на електрична енергија на конкурентен и транспарентен начин како што е предвидено во новиот Закон за енергетика.

 

На самиот почеток на прес-конференцијата, академик Глигор Каневче како претседател на Комисијата за избор на Универзален снабдувач ги соопшти резултатите од одржаната електронска аукција, при што истиот потенцираше дека врз основа на претходно завршената евалуација на доставените документи, Комисијата утврди дека и двете понуди ги исполнуваат условите и критериумите од тендерската документација и поради тоа, компаниите беа поканети на денешната електронска аукција на којашто  за најповолен понудувач е избран конзорциумот ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електроснабдување ДООЕЛ Скопје со понудената најниска бруто маржа од 11.5%

 

„Универзалниот снабдувач како механизам со којшто се штити интересот на граѓаните на Република Северна Македонија и се обезбедува домашното производство на електрична енергија да стигне кај граѓаните по најповолни услови и цени и на тој начин се заштитуваат граѓаните од можните ценовни шокови, станува реалност. Денеска заврши јавното наддавање на тендерската постапка за универзален снабдувач при што од првичната понудена бруто маржа од 14.4% како почетна цена на аукцијата, цената во интерес на граѓаните на Република Северна Македонија се намали за скоро 30% и последната понудена бруто маржа изнесува 11.5%. Со ова се гарантира дека најголемиот бенефит останува за граѓаните на Република Северна Македонија“, соопшти вицепремиерот Анѓушев и додаде дека либерализацијата на пазарот на електрична енергија ги дава економските бенефити во корист на потрошувачите.

 

Во таа насока вицепремиерот Анѓушев додаде дека сите снабдувачи на слободниот пазар треба да се борат со помали маргини и да ги задоволат условите на тендерската постапка што ќе обезбеди поповолна цена за граѓаните.

 

„Се ослободува и либерализира пазарот на електрична енергија за малите, средни и микро претпријатија, кои сега ќе имаат можност за избор и да очекуваат пониска цена на електричната енергија од таа којашто ја имаа досега. Овие мали компании, од маалски продавници па до средни и поголеми компании кои до скоро не беа на слободниот пазар, сега веќе имаат можност да очекуваат поевтина електрична енергија од таа што досега ја плаќале. Ова е важно бидејќи тие мали, средни и микро компании беа носители во транзициониот период на економијата“, нагласи вицепремиерот Анѓушев и рече дека Владата на Република Северна Македонија покажа знаење и капацитет да ги задоволи директивите на ЕУ за регулирањето на слободниот пазар.

 

„Ја воведовме евтината тарифа на електрична енергија. Цената на струјата за граѓаните од формирањето на оваа Влада не се покачи, а претходно за неколку години имавме покачување на цената за цели 75%.  Преку универзалниот снабдувач гарантираме поволни цени и услови пред сé за граѓаните на Северна Македонија и заштита на претпријатијата и граѓаните, и конкуренција на пазарот на електрична енергија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев.

 

Министерот за економија, Крешник Бектеши информираше дека денеска по завршување на електронската аукција како најповолен понудувач за универзален снабдувач со електрична енергија е избран конзорциумот составен од компаниите ЕВН Македонија АД Скопје и ЕВН Електроснабдување Скопје кој понуди бруто маржа од 11.5% и посочи дека во новиот Закон за енергетика е предвидено Република Северна Македонија да избере универзален снабдувач за наредните 5 години.

 

„На транспарентен начин беше водена постапката, претседателот на Комисијата е од академската фела,  денеска на ова наддавање го избра најповолниот понудувач за универзален снабдувач којшто на наредната владина седница треба да се усвои со одлука на Владата. Имајќи ги во предвид двете понуди, едната од ЕВН Македонија, другата од ЕЛЕМ важно е да се истакне дека токму оваа Влада уште еднаш докажа дека на конкурентен начин ги решава сите прашања. Ќе продолжиме на транспарентен начин да овозможуваме поквалитетни услуги за граѓаните“, соопшти министерот Бектеши.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*