Преку три панел дискусии со претставници од институциите, бизнис заедницата, но и низ лични приказни, денеска беа презентирани новите активни мерки од Оперативниот план за вработување во 2019 година.
На првиот панел, кој беше посветен на бизнис поддршка, учествуваа вицепремиерот за економски прашања Koчо Анѓушев, претседателот на Стопанската Комора на Македонија Бранко Азески и претприемачка од Делчево, која изминатите две години преку мерките за поддршка на вработување успеала да отвори конфекција и да вработи вкупно 17 лица од евиденцијата на невработени.
„Со мојот бизнис почнав во изнајмен простор со изнајмени машини. Беше многу тешко, но никогаш не се откажав од намерата дека ќе успеам. Аплицирав за мерките раст и развој на правни субјекти. Производството го зголемив во континуитет сега имам 17 работници. Се надевам дека во иднина ќе вработам уште најмалку 20 лица“, рече Тања Милевска сопственичка на конфекција од Делчево.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека во моментот во Република Северна Македонија не може да се најде слободен работник, но и што би направил лично тој доколку е младо невработено лице.
„МТСП многу добро ги позиционираше овие мерки, од кои околу 6 милиони евра се за креирање нови работни места. Би кажал еден пример: Дали знаете ли дека нашата земја увезува компир од Белгија, би отворил фирма за правење помфрит, со сите мерки и средства што ми ги дава државата“, рече Анѓушев.
За претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, голем проблем е што досега државата не се занимавала со пазарот на труд.
„Дуалното образование е многу важно. Владата е на прав пат за да ги смениме навиките и да го вратиме достоинството, односно односот меѓу капиталот и трудот“, рече Азески.
Вториот панел беше фокусиран на младите иновации и на мерката во кои за првпат годинава учествува и Фондот за иновации и развојни технологии.
„Со новата мерка се предвидува формирање на таканаречена ИН Група од лицата кои поднеле апликации со иновативен потенцијал. Мора да создадеме позитивен циклус на притисок што ќе резултира во основање на нови бизниси не само за самовработување туку и тие да станат работодавачи. Позитивниот циклус што го отворивме во рамки на Планот за економски раст, каде компаниите што во 2018 добија финансиска поддршка од Фондот ангажираат 800 лица на нивните проекти, со просечна плата од 40.000денари, очекуваме да се преслика и тука. Веруваме дека околу 150 млади луѓе ќе ја искористат оваа мерка која нуди специјализирана обука и финансиски средства за сите кои имаат идеја и потенцијал за формирање на брзорастечки компании“, рече Деспотовски.
Александар Ѓошевски од Кавадарци со помош на мерките од Оперативниот план успеал да развие компанија за иновативен дигитален маркетинг во која сега се вработени повеќе лица.
„Претходно работев како фри ленсер, но менторската и финансиска поддршка од ОП, ми помогна да се осмелам и да почнам сопствен бизнис. Нашата дејност нема лимит, и планираме да излеземе со наша понуда и на глобален пазар“, рече Ѓошевски.
Во последниот панел, кој беше посветен на активација на ранливи категории лица, фокусот беше ставен на конкретни примери коишто преку менторска работа успеале да се активираат на пазар на труд, но и на политиките на Министерството за труд и социјална политика за вклучување на работа на тешко вработливите и лицата со попреченост.
„Од примерите се гледа дека ОП дава резултати. Она што е ново во ОП за 2019 година е активација на пазарот на труд на лицата кои ќе примаат гарантиран минимален приход. Оваа активација ќе биде проследена со посебна програма и ќе им се дава психолошка поддршка на најранливите категории лица. Истовремено ќе се работи на нивна доквалификација“, рече Душан Томшиќ, советник во Министерството за труд и социјална политика.
На панелот зборуваше и лице со попреченост кое со помош на мерките од ОП успеал да отвори свој столарски бизнис.
„Ми беше важно да обезбедам егзистенција на целото семејство. После мене го вработив и синот, а снаата беше практикант. Планирам да вработам најмалку уште едно лице годинава“, рече Жика Новковиќ.
Преку мерката младинска гаранција, струмичанката Санија Демова се вработила прво како келнерка, а потоа и како слаткарка во познат ресторан.
„Гаранцијата ќе ја искористам за понатамошна обука и курсеви за правење колачи“, рече Демова.
Александар Митаноски, како ментор ангажиран за активација на ранливи категории рече дека работел со Ромите кои се најтешко вработливи. Неговата задача е директно да ги информира лицата на терен за да може да ги искористат мерките за вработување.