Заев: Со опозициската БЕСА разговаравме за заедничка поддршка на прифатлив кандидат за претседател, отворени се повеќе можности

Денеска направивме уште една средба, овој пат со опозициска политичка партија, партијата БЕСА, разговаравме со господинот Билал Касами и неговата придружба.

 

Го презентиравме нашето барање за еден обид за заеднички настап на изборите преку детална анализа и поддршка на кандидат, име, кое што би било прифатливо за сите. Заради вредноста, која што ја добива, сите граѓани и Република Северна Македонија, да се изнајде личност која што ќе биде еднаков претседател на сите граѓани. Добар претседател во духот на она што е иднината на Република Северна Македонија. Тоа се интеграциите, брзи во НАТО, како и добивање на датум за преговори со ЕУ, но и секако по актуелните прашања како што е економијата, реформите дома и слично.

 

БЕСА остави можност, за што имам разбирање бидејќи тие се опозициона партија, за самостоен настап на претседателските избори и ги разгледуваат сите варијанти. Но, јас сум среќен и благодарен заради тоа што прифатија да разговараме и да ги слушнат нашите аргументи зошто е вредно да се размисли за еден ваков пристап.

 

Секако, ќе ги споделиме сите наши анализи, како што ги споделуваме со другите политички партии, за да видат како се движат реакциите на граѓаните, а сите тие прават и сопствени анализи.

 

Верувам дека не е невозможно. Верувам дека може да се стигне до поддршка на едно име, кое без разлика дали е жена или маж, име зад кое што би застанале сите граѓани, а со тоа и ние политичките субјекти, би земале свој став во негова поддршка како претседател на државата. Секако одлуките ќе се носат врз основа на имињата, врз основа на личностите кои што се дел до анализите кои постојат, а ги прават сите субјекти и ќе дадат добар аргумент за заземање на став, прво концепциски, дали се застанува зад заеднички кандидат, а после тоа и секако другите алтернативи за посебно истакнување.

 

Јас верувам дека е добро тоа што го правиме и верувам дека има големи шанси,  многу политички субјекти во државата, да успееме да застанеме заедно зад еден кандидат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*