Од 122 седница на Владата на РСМ: Усвоен Предлог закон за Агенција на национална безбедност како замена за УБК

На денешната редовна, 122 седница, Владата на Република Северна Македонија го разгледа и утврди новиот текст на Предлог – законот за Агенција за национална безбедност.

 

Донесувањето на Предлогот на закон за Агенција за национална безбедност ќе овозможи реформирање на Управата за безбедност и контраразузнавање, која нема повеќе да биде орган во состав на Министерството за внатрешни работи, односно се предлага основање на Агенција за национална безбедност како модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Северна Македонија.

 

Целта на предложениот закон е надминување на недостатоците утврдени во извештаите за Република Северна Македонија на Европската комисија, преку воспоставување на модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем со кој Управата за безбедност и контраразузнавање нема повеќе да биде орган во состав на Министерството за внатрешни работи, туку се предлага основање на Агенција за национална безбедност со цел заштита на националната безбедност на државата, односно независноста, суверенитетот, уставното уредување, основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Северна Македонија, како и други работи од интерес на националната безбедност на државата.

 

На оваа седница е утврден и новиот текст на Предлог – законот за координација на безбедносно – разузнавачката заедница во Република Северна Македонија.

 

Со Предлог-Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија се предвидува формирање на посебно тело за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување на одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа кои се предвидуваат во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

 

Предлогот на закон за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија произлегува од усвоените заклучоци од Советот на Европската Унија од 26.06.2018 година, а потврдени од Европскиот Совет на 28.06.2018 година, во чии рамки е нагласена важноста да продолжи напредокот во имплементацијата на Итните реформски приоритети и испорачувањето дополнителни одржливи резултати во областа на: правосудството, безбедносните и разузнавачките служби, реформата на јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупција.

 

На денешната седница, Владата на РСМ ги разгледа и утврди Предлог – законот за изменување на Законот за следење на комуникациите, како и Предлог-законот за изменување на Законот за внатрешни работи, заради усогласување со предлог законите за Агенција за национална безбедност и Предлог-Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија.

 

Владата на оваа седница, на предлог на Министерство за информатичко општество и администрација, го разгледа и усвои Предлог-законот за инспекциски надзор, кој има за цел надминување на неконзистентноста и детектираните слабости во применувањето на сегашниот Закон за инспекциски надзор и воведување на нов концепт на инспекциски надзор преку планирање врз основа на процена на ризик и воедначено вршење на инспекцискиот надзор, со што ќе се постигне поголема транспарентност, предвидливост и правна сигурност за субјектите на надзор.

 

Како специфични цели на овој предлог на Закон, меѓу другото, се предвидуваат превентивниот пред репресивниот аспект на инспекцискиот надзор, преку воведување на опомена како примарна инспекциска мерка; зголемена сигурност и предвидливост за субјектите на надзор, со задолжителноста на листите на проценка и степенувањето на ризикот, како и подобрување на ефективноста на Инспекцискиот совет преку појасно и попрецизно определување на неговата улога и надлежност.

 

Владата на Република Северна Македонија на оваа своја 122 седница, ја усвои Информација за подготовка на проектна апликација за Студија за изводливост за изградба и развој на Национална транспортна оптичка мрежа во рамки на повикот за техничка помош во склоп на ИПА инструментот „Инвестициска рамка за Западен Балкан” (Western Balkans Investment Framework – WBIF), чија крајна цел, меѓу другото, е до крајот на 2029 година да обезбеди сите јавни институции, истражувачки центри и други образовани, здравствени, правосудни и сите јавни и државни тела да имаат симетричен пристап до интернет со брзина од најмалку 1 Гига бит во секунда.

 

На денешната седница Владата на РСМ ја разгледа и усвои Информацијата за Предлог Декларацијата  за транзиција кон чиста енергија во земјите на Западен Балкан, која земјите од регионот ќе ја потпишат во Подгорица, Црна Гора, 21 февруари 2019 година, како потврда за заложбата за декарбонизација, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, во согласност со Парискиот договор во 2015 година, како и со обврските на Енергетската заедница засновани на Пакетот за чиста енергија за сите Европејци на ЕУ, до крајот на 2030 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*