Премиерот Заев на Комеморативна седница: Ве уверувам дека ќе сториме сé, да ги расветлиме причините за трагичната несреќа

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев придружуван од вицепремиерите, Спасовски и Османи и министрите, Филипче и Фазлиу, денеска присуствуваше на Комеморативната седница организирана од градоначалникот на општина Гостивар, Арбер Таравари во сеќавање и чест на загинатите граѓани од овој град во страотната собраќајна несреќа во која до сега 15 луѓе го загубија животот. Премиерот Заев и владината делегација се потпишаа и во книгата на жалост.

Во продолжение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целост:

„Почитувани најблиски на загинатите во трагичната сообраќајна несреќа, членови на семејствата, роднини, пријатели, другари, познаници, почитуванани присутни на денешната Комеморација, почитуван претседателе, почитуван градоначалник на Гостивар, почитувани советници во Советот, министри во Владата, носители на јавни функции

Ја споделуваме големата болка со вас. Душата `не боли, за секој згаснат живот.

Тоа се и наши сограѓани, тоа се и наши деца, беа и наша надеж. И тагата е заедничка.

Зборовите за утеха во вакви моменти тешко се наоѓаат, зашто нема утеха за срцата кои тагуваат по саканите.

Свесен дека зборовите сега не можат да допрат до душата која жали. Но можеби понатаму, ќе бидат нечија водилка низ болката, којашто, не поминува, ама човек учи да живее со неа.

Драги пријатели и сограѓани, човекот, додека има луѓе околу себе, не е сосема сам.

И дојдов да ви кажам, дека загубата е ненадоместлива, но не сте сами и нема да ве оставиме сами.

Духовно сме со вас. А ќе бидеме со вас и во иднина. Преземаме обврска да помогнеме на семејствата со возможното и за тоа лично ќе се заложам.

Исто така, како Влада и како надлежни органи, ве уверувам дека ќе сториме `се, да ги расветлиме причините за трагичната несреќа.

Денешниот и утрешниот ден ги прогласивме денови на жалост во целата наша држава и молитвите на сите граѓани во нашата држава се упатени кон покој на загинатите сограѓани.

Нека почиваат во мир вашите сакани и нашите сограѓани.

Изразувам искрено и длабоко сочувство за трагиниот настан од име на Владата и од мое име. Бог нека ги благослови.“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*