Премиерот Заев на седницата за пратенички прашања упати порака за бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во попладневното продолжение на седницата за пратенички прашања упати јасна порака до сите во државата за бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата.

 

-Апелирам на будното око на Парламентот, но и на независните институции во државата, порача премиерот Заев.

 

Тој посочи дека „најголемата корупција доаѓа од политиката и од јавните институции, така било секогаш и ако сакаме да си ја средиме државата мораме да ги поставиме прво контролните механизми“.

 

Во врска со изборот на Антикорупциската комисија тој изрази очекување дека членовите ќе бидат избрани со консензус.

 

-Јас се надевам дека сите во Парламентот, со консензус, ќе ја избереме Антикорупциската комисија. Мене ми е драго што гласавме за Законот за Антикорупциската комисија. Еве и политички сум прв, од најголемата владејачка партија и во извршната власт, во искрената желба за професионалци. Не очекувајте да дадеме поддршка за некој кој е близок до некоја политичка партија. Давајте предлози на експерти и кандидати и верувам дека лесно, консезуално ќе ги најдеме вистинските луѓе, повика премиерот Заев.

 

Претседателот на Владата, Заев  апелираше до опозицијата заеднички да биде избран и директор на Државниот завод за ревизија.

 

-И сите други регулаторни тела треба да бидат независни и ако можеме, заедно да ги избереме, не политички. Тие се првиот контролор на сите јавни институции. Корупција има во приватниот сектор, кај некој јавен административец и слично, но најголемиот дел од корупцијата е врзана за јавната администрација којашто е поврзана со политиката, додаде премиерот Заев.

 

Претседателот на Владата на Република Македонија потсети дека фокусот на ЕУ е во четири области: правна регулатива, реформите во безбедносните сили, во јавната администрација, но дека клучниот фокус е во борбата против криминалот и корупцијата.

 

-Ако сакаме да си ја средиме државата, Европа да нé поддржува и кога ќе ги отвориме поглавјата, ние мора да покажеме јасен исчекор и апсолутно недвосмислена и бескомпромисна и безрезервна борба против криминалот и корупцијата. И тоа не смее да остане на декларативни заложби. Мора да има конкретни резултати. Сé што претставува основано сомнение, институциите треба соодветно да настапат.

 

Апелирам и до сите владини функционери, до сите јавни институции, дека ова ќе биде една од најдоминантните теми, на мој личен фокус, но важни се независните контролни тела коишто треба да делуваат.

 

Апелирам, не можам да дадам задача и до другите власти, пред се мислам на правосудството, да биде за пример во делот на носењето одлуки поврзани со криминалот и корупцијата. Докази ако има одлуки да паѓаат. Ако нема докази, никој не е виновен додека не постојат докази. Но сé што е врзано со корупцијата и криминалот, очекувам институциите на системот да постапат.

 

Апелирам, мојата политичка партија, коалициските партнери, ја имаат честа да водат јавни институции и да управуваат со јавните пари, да знаат дека доаѓа период кога и фокусот на сите нас, но и фокусот на меѓународната заедница ќе биде зајакнат, зголемен, во борбата против криминалот и корупцијата – и овде ќе нема предрасуди за никој. Ќе има санкции, ќе има законско постапување, ќе се одговара, кој сака нека биде. Ова е важно прашање, Европа бара од нас да испорачаме резултати, граѓаните бараат резултати.

 

Првата одговорност е на власта и затоа избрав да направам вакво обраќање, затоа што тоа зависи прво од мене, потоа од министрите, замениците министри во Владата, државните секретари, директорите по вертикала, ако си ја сакаме Македонија, оваа работа мораме да ја средиме. Предрасуди, помагање, затскриено, за никој во државата!, повика премиерот Заев.

 

Претседателот на Владата Заев рече дека „транспарентните постапки, отчетноста, навремените контроли, будното око на мониторингот, штедат многу пари на граѓаните“, коишто може да придонесат за дополнително зголемување на платите во здравството, образованието, армијата, полицијата. Премиерот Заев додаде дека ако тие плати растат, „ќе расте и приватниот сектор како спирала, да се отвораат повеќе погони, за да нудат работни места“.

 

-Ако чесно се работи во државата, може да се обезбедат дополнителни резервоари пари коишто можат да се насочат за суштествени и важни проблеми на граѓаните, рече премиерот Заев.

 

Во одговорите до пратениците, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев изрази оптимизам за датум за преговори со ЕУ.

 

-Оптимист сум дека во јуни ќе добиеме датум за преговори за отворање на поглавјата, оцени премиерот Заев на денешната седница за пратенички прашања во Собранието на Република Македонија. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*