Средба на премиерот Заев со амбасадорот Тимоние: Македонија е на добар пат, останува силната поддршка на Франција на патот до ЕУ и НАТО

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние, со кого разговараше за прашања поврзани со актуелната политичка ситуација во земјата, вклучувајќи го и усвојувањето на уставните измени во Парламентот во согласност со Преспанскиот договор и продолжувањето на реформите со цел интегрирање на земјата во евроатлантските структури.

Амбасадорот Тимоние оценувајќи дека Македонија е на добар пат за остварување на нејзините стратешки цели, членството во Европската Унија  и НАТО, му честиташе на премиерот Заев за лидерството кое доведе до Договорот од Преспа, кој е клучен за реализација на евроинтеграциските процеси.

„Насочени сме да го искористиме историскиот момент и имаме највисока мотивација по добиената покана за почеток на пристапните преговори со НАТО и најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ, да ја внесеме Македонија во евроатлантското семејство, каде македонските граѓани ја гледаат својата иднина“, рече премиерот Заев, заблагодарувајќи му се на францускиот амбасадор за сета поддршка која неговата земја и ја дава на  Македонија и нејзините граѓани за време на реализацијата на стратешките цели.

Тој повтори дека Македонија ќе продолжи со политиката на градење на пријателство со сите соседи како единствен услов за стабилност и европска интеграција на целиот регион.

На средбата, двајцата соговорници се согласија дека за граѓаните е многу важна посветеноста на Владата за продолжување на спроведувањето на реформите во правосудниот систем, јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата со што се отвораат и перспективите за активен економски развој.

Премиерот Заев и амбасадорот Тимоние разговараа и за конкретната француска поддршка, која се остварува во насока на соработка со француски експерти во областа на подготовките на македонската администрација за преговорите со ЕУ, со цел што побрзо отпочнување на преговорите на Македонија со Унијата.

 

На состанокот се разговараше и за искористување на можноста за поголема динамика на економската соработка помеѓу Македонија и Франција.

Во знак на почит за неговите залагања и во чест на одбележувањето на 25 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу Македонија и Франција, амбасадорот Тимоние на премиерот Заев му врачи сребрена монета со ликот на „Жан Моне“, еден од татковците на Европа, симболично посакувајќи му среќа во напорите за заокружување на процесот на европска интеграција на Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*