Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, прими писмо од Уидед Бушамауи, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2015 година, со кое го известува премиерот Заев дека и официјално испратила писмо до Комитетот за Нобеловата награда за мир со номинација тој и грчкиот премиер Ципрас да бидат кандидати за оваа награда, за 2019 година.
Во писмото, со изрази на најдлабоко почитување, нобеловката Бушамауи ја искажува својата убеденост дека Договорот од Преспа, претставува модел за мирно и конструктивно решавање на билатералните и мултилатералните недоразбирања меѓу соседните држави, кој може да служи како пример за целиот Балкански регион и пошироко, и дека ратификацијата на договорот во двете земји сведочи дека дијалогот, позитивната енергија, космополитизмот, духот на решителност, цврстата определба како и чувството за добрососедство, се клуч за сите проблеми независно притисоците на националистите од двете страни на границите.
„Во овој процес и во овој храбар и визионерски акт со кој се утврдува дијалогот, довербата и основата за една заедничка иднина на Република Северна Македонија и на Грција во рамките на меѓународните организации, вие господине Премиере Заев , како и господинот Ципрас, одигравте клучна улога. Во таа смисла, си дозволувам да искажам големо почитување и восхит кон вас двајцата лидери – големи градители на мирот на Балканот“, пишува во писмото до премиерот Заев нобеловката Бушамауи, со кое го известува дека него, и премиерот Ципрас официјално ги предложила за кандидати за Нобеловата награда за мир за 2019 година.
Писмо со идентична содржина, добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, Уидед Бушамауи, испратила и до грчкиот премиер Алексис Ципрас.