Средба на МНР Никола Димитров со Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот за проширување во Европската комисија

Денес, министерот за надворешни работи Никола Димитров оствари средба со Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот за проширување во Европската комисија. На средбата се разговараше за европските перспективи на Република Македонија и очекувањата за напредок во претстојниот период.

 

Министерот Димитров упати благодарност до директорот Даниелсон и Европската комисија за нивните заложби и континуирана поддршка за евроинтеграцискиот процес на Република Македонија. Информираше за тековните активности поврзани со стапувањето на сила на Преспанскиот договор и заложбите за остварување понатамошен напредок во реформските процеси.

 

Министерот Димитров се осврна и на досега постигнатите резултати во процесот на реформи во исклучително сложени внатрешни и надворешни околности, нагласувајќи дека силната политичка волја останува суштински дел од процесот. МНР Димитров изрази очекување дека реформските резултати и крупните чекори во унапредувањето на добрососедските одосноси ќе обезбедат доволно аргументи за земјите членки да донесат одлука за почеток на пристапните преговори во јуни 2019 година.

 

Директорот Даниелсон упати честитки за чекорите поврзани со стапувањето во сила на Преспанскиот Договор и укажа на неговата важност за Регионот и пошироко, како пример за добра дипломатија и надминување на високо сензитивни прашања. Даниелсон го поздрави и текот на досега постигнатото на планот на домашните реформи, со очекување за уште позасилена работа и резултати во клучните области во периодот до Европскиот совет во јуни.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*