Денес, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, оствари средба со претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.
Двајцата соговорници разменија мислења за сèвкупните односи меѓу Црна Гора и Република Македонија и се сложија за потребата одличните пријателски односи да добијат и интензивна економска димензија.
Министерот Димитров, истакна: „Се радуваме што ќе ѝ се придружиме на Црна Гора во НАТО и во процесот на преговори за членство во ЕУ“ и се заблагодари на конзистентната поддршка која Република Македонија ја добива од Црна Гора на тој план.
Претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, ја реафирмираше силната поддршка од страна на Црна Гора со цел полноправно членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, упатувајќи охрабрувачки пораки за скоро финализирање на отпочнатите процеси. Тој изрази уверување дека Црна Гора ќе биде меѓу првите земји чие Собрание ќе го ратификува протоколот за пристапување на Република Македонија во НАТО.