Премиерот Заев предводи владина делегација на Светскиот економски форум во Давос

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, од денеска до 25 јануари, ќе учествува на годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, заедно со заменик претседателот на Владата на РМ д-р Кочо Анѓушев и со министерот за економија Крешник Бектеши.

Премиерот Заев на форумот во Давос, на кој и оваа година учествуваат шефови на држави и влади, други државни претставници, како и лидерите на најголемите компании во светот, ќе оствари повеќе работни состаноци и билатерални средби со потенцијални инвеститори, бизнис лидери и соработници.

Како дел од активностите, премиерот Зоран Заев ќе оствари средба со еврокомесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Средбата е планирана да се оствари на 24 јануари, во четврток.

Меѓу средбите со политичките и економските лидери, во агендата на премиерот Заев се и состаноци со премиерот на Република Словенија Марјан Шарец, со министерот за здравство на Владата на Сојузна Република Германија Јенс Спан, со извршниот директор на Гогле Џигсоу, како и со други лидери и високи претставници на компании на панел дебатите и неформалните собири што ќе се одржат за време на најголемиот светски економски форум.

Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев е поканет да земе збор и да учествува на дебата „Креирање на силно партнерство за економски раст и мир на Западен Балкан“, на форумот „Иднината на Трансатлантската алијанса“, како и на други форуми и дебати за поврзување во светот на глобалната архитектура на економиите.

Заменик претседателот на Владата на РМ д-р Кочо Анѓушев ќе има повеќе средби со претставници на бизниси и компании, а министерот за економија Крешник Бектеши, меѓу другото, ќе учествува на средбата на министрите коспонзори на Заедничката декларација за е-трговија.

Главната тема на годинашниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија, кој секоја година ги собира најголемите и највлијателните светски лидери е Глобализација 4.0, во чии рамки ќе се дебатираат и иднината на економиите, ризиците на економските опоравувања, иднината на работните места, и други теми.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*