Владата на Република Македонија на 110-та седница ја прифати информацијата за реализација на проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за зима 2019 година. Преку овој проект, во текот на зимскиот распуст 2019-та година бесплатно ќе зимуваат околу 1000 деца родени во периодот од 2004 до 2009 и/или односно деца редовни ученици кои во учебната 2018/2019 година посетуваат петто, шесто, седмо, осмо и деветто одделение од семејства во социјален ризик, односно корисници на социјална парична помош, постојана парична помош, детски додаток и децата без родители и родителска грижа, како и деца корисници на посебен додаток до 26 годишна возраст. Децата имаат право на зимување 6 дена, коишто ќе бидат надополнети со едукативно-забавни активности. Децата корисници на посебен додаток и/или деца со инвалидитет имаат право на придружник за време на користењето на оваа услуга.
Министрите денеска ја усвоија Информацијата за текот и прогресот на активностите во врска со проектот „Изградба на централна пречистителна станица за Град Скопје во Трубарево“, со Акциски План. Притоа Владата и препорача на општината Гази Баба во соработка со Градот Скопје, во најкус рок да донесе детални урбанистички планови за локалитетот каде согласно Генералниот урбанистички план е предвидена пречистителната станица, со цел Градот Скопје да може да започне процедура за решавање на имотно -правните односи како и да се дефинира пристапниот пат до пречистителната станица.
Дел од одлуките од 110-та седница е извештајот за завршени преговори за склучување на Спогодба помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за заштита и спасување од природни и други катастрофи. Со спогодбата се опфатени прашањата од областа на заштитата и спасувањето на населението и материјалните добра на билатерално ниво, како и соработката во делот на давањето и приемот на взаемна помош во случај на големи катастрофи, со цел соодветен одговор при вакви ситуации. Освен тоа, Спогодбата е и своевиден придонес во унапредување на регионалната соработка на Република Македонија со државите од нејзиното најблиско опкружување, во доменот на превенција и одговор при справувањето со природни и други катастрофи.
На предлог на министерството за економија, Владата денеска ја прифати Информацијата за развој на системи за дистрибуција на природен гас во Република Македонија. Со цел да се изготви модел за развој на системи за дистрибуција на природен гас, Владата го задолжи Министерството за економија да формира работна група составена од двајца претставници на Министерството за економија, по еден претставник од Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Македонија, Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, по еден претставник од министерствата за финансии, за транспорт и врски, за локална самоуправа и еден претставник од МЕР АД Скопје. Рокот за номинирање членови и заменици на работната група е 5 дена. Моделот за развој на системи за дистрибуција на природен гас во земјата, министерството за економија е задолжено до Владата на Република Македонија да го достави во рок од 45 дена.
На денешната владина седница се обезбедија 385 милиони денари или над 6,2 милиони евра за исплата на преостанати субвенции за неколку мерки од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2017 година. Со оваа сума ќе се исплатат субвенции за мерката за органско производство, дополнителна помош за производство во отежнати услови, субвенции за литар предадено млеко, субвенции за мерката за 60 отсто покривање на трошоците за осигурителни полиси, како и за други мерки од Прогрaмата за 2017 година. До крајот на оваа недела, по објавувањето на владината одлука во Службен весник, ќе започне исплатата на овие субвенции.
Владата на седницата ја усвои информацијата за институционализација на националните здравствени сметки во Република Македонија. Овој систем претставува исклучително важна алатка којашто се користи при пресметувањето на вкупните трошоци во здравството според однапред дефинирана класификација, со цел подобро да се разбере финансирање во здравствениот сектор и да се согледа неговата улога во вкупната економија на земјата. Системот на Националните здравствени сметки го опишува текот на финансиските средства од изворите на финансирање, преку давателите на услуги па сé до финалната потрошувачка на здравствените добра и услуги.
Како материјал за информирање министрите ја разгледаа информацијата за резултатите на работната група за имплементирање на Акцискиот План за отворено владино партнерство 2016-2018 година, со финален извештај за самооценување. Притоа Владата укажа дека при изработката на акциските планови, во рамките на работната група, треба да бидат вклучени и претставници од Секретаријатот за европски прашања, со цел поефикасно информирање на Европската комисија за преземените мерки и активности во врска со оваа иницијатива за подготовка на двогодишни акциски планови.