Нови Конкретни Мерки за Подобрување на Квалитетот на Воздухот

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, заедно со градоначалникот на општина „Ѓорче Петров“, Александар Наумоски денеска информираа за дел од мерките кои Општината ги презема за почиста животна средина и подобрување на квалитетот на воздухот, согласно со Планот за чист воздух, кој е стратешки приоритет на Владата.

„Денешната посета на општината има два повода, едниот е акцијата што „Комунална хигиена“ ја прави со основните и средните училишта, за едукација на децата за рециклирање на отпадот, на хартијата. Навистина беше прекрасно да се види сè она што децата и најмладите го имаат направено. Тоа е патот, како да ја подигнуваме јавната свест од најмала возраст, да бидат вклучени во процесот и во образувањето како да се справуваме со отпадот“, истакна заменик-министерот Макрадули.

Дополнително, тој информираше дека во рамки на Планот за чист воздух, кој е стратешки приоритет на Владата на Република Македонија, започнати се подготовки за промена на начинот на затоплување на две основни училишта во оваа општина, ОУ „Димитар Поп-Георгиев Беровски“ и ОУ „Тихомир Милошевски“.

„Во рамки на Планот за чист воздух, во партнерски однос со деловната заедница интервенираме и ќе ја замениме нафтата како извор на затоплување со еколошки извор на затоплување“, рече заменик-министерот Макрадули, потенцирајќи дека овие две училишта ќе бидат опфатени со активностите за 2019 година.

Градоначалникот Наумоски одговарајќи на новинарско прашање за идните планови, подвлече дека досега општината немала ниту еден проект за енергетска ефикасност, посебно во однос на заштитата на најранливата категорија, децата и учениците.

„Како општина „Ѓорче Петров“, со Министерството за животна средина и заменик-министерот, кој е координатор на Работната група при Владата, се издигна проблемот на ниво на Влада, бидејќи ние како општини имаме многу скромни Буџети, особено нашата општина, во делот на планирање на средства, за енергетска ефикасност, во кој спаѓа и делот за зачувување на воздухот како еден сплет на мерки. Меѓутоа заедно и во координација со Град Скопје се спроведени многу акции, од типот на чистење на отпадот“, информираше градоначалникот Наумоски, апелирајќи до граѓаните да бидат повнимателни во делот на депонирањето на ѓубрето. Истовремено тој додаде дека за контрола и намалување на депониите воведени се и две смени во инспекциските надзори. Во општината започната е и обуката на дел од вработените за изработка на проекти од животната средина со поддршка на пристапните Фондови на Европската Унија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*