Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, денеска присуствуваше на седницата на Советот за развој на Источниот плански регион, што се одржа во Македонска Каменица. Во присуство на градоначалниците на единаесет општини од планскиот регион, Центарот за развој, на министерот Фазлиу му додели благодарница за посебен придонес во регионалниот развој.
Министерот за локална самоуправа истакна дека и во предлог Буџетот за 2019 година, Владата го потврди своето ветување за зголемување на средствата за проекти за рамномерен регионален развој.
– Во Буџетот за 2018 година средствата беа зголемени од 3,5 на 4,5 милион евра, а за 2019 година се предлага зголемување за над 50 насто или од 4,5 на 7 милиони евра. Споредено со 2017 година имаме зголемување на средствата за рамномерен регионален развој за скоро 100 насто. Владата и Министерството за локална самоуправа, во соработка со локалните власти, работиме на квалитетни промени кои што ќе го подобрат животот на граѓаните. Приоритетите ги определуваат планските региони во консултација со граѓанскиот и со бизнис секторот. За нас е важно проектите што се предлагаат да произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, да решаваат проблеми и да создаваат услови за развој и на регионот и на општините, рече министерот Сухејл Фазлиу.
Фазлиу истакна дека во 2018 година од Програмата за рамномерен регионален развој во осумте плански региони се финансирани 98 проекти, од кои 11 во Источниот плански регион, во вкупна вредност од 34 милиони денари.
На седницата, претседателот на Советот на Источниот плански регион, градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев и раководителката на Центарот за развој, Драгица Здравева ги презентираа приоритетните проекти на Источниот плански регион за 2019 година.
Констатирајќи дека проблемот со кучињата и со комарците во овој плански регион е загрижувачки, градоначалниците истакнаа дека ќе го решаваат преку регионален пристап, што ќе значи системско, долгорочно е економично решение за сите општини од Источниот плански регион.