Свечено Доделени Наградите „13 Ноември“ на Град Скопје за 2018

Вчеравечер, во Македонската филхармонија, се одржа свеченоста по повод одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, на која градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на годинешните добитници, на нашите сограѓани коишто дале свој придонес за негова афирмација, им ги врачи наградите и им се обрати на присутните гости.

– Секој град, во својата историја има свои значајни дати и јубилеи. За нас, несомнено, највисоко на пиедесталот е 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. Тој ден и тој настан не се само израз  туку показ и доказ на стаменоста на нашите сограѓани и нескршливоста на нивната решеност да се изборат за својата слобода. Тие храбро и херојски се бореа, а дел и загинаа, осветлувајќи го патот на идните генерации и покажувајќи ни колку ни е скапа слободата. Овој град поминал низ сѐ и сешто. Тој има зад себе децении на страдање, но и децении на творење, децении на паѓање, но и децении на растење. Во тоа, Скопје секогаш успева да ги надмине сите премрежија и повторно да биде ГРАДОТ УБАВ – изјави Шилегов.

Изминатава година Градот докажа дека се грижи за наследството од НОБ,  го возобнови со години затворениот Музеј на илегалните работилници за оружје, почна постапката за подигање спомен-обележје на Кемал Сејфула, а соработката со борците е одлична и тие веќе со помошта на другите институции  добија нови простории за својата работа, откако беа избркани со постапките на претходната власт.

-Во таа насока изминатиов викенд организиравме едукативна тура насловена „По стапките на ослободителите“ која ја посетија стотици скопски средношколци коишто имаа можност да се запознаат со клучните настани и локации поврзани со ослободувањето на нашиот град пред 74 години. Длабоко сум убеден дека со она што успеавме да го реализираме во изминатава година исполнивме барем дел од нашиот долг кон Ослободителите. Сетете се, драги сограѓани, каде бевме на тој план само пред две години. Историчарите ги правдаа шовинистите и неславните страници на нашата историја, измислуваа нови епохи, креваа споменици на оние кои биле познати по суровоста и свирепоста. Систематски го уништуваа наследството од народноослободителната војна. Трагите во просторот, бистите, спомениците и спомен-плочите, беа засенети од лажниот сјај на новата историја претставена со проектот Скопје 2014 – истакна Шилегов.

Тој додаде дека Скопје полека го враќаме на правиот пат, патот на космополитизмот, солидарноста, прогресот. Скопје – градот феникс, кој повторно и повторно се раѓа и повторно и повторно се ослободува.

Градоначалникот Шилегов ги  поздрави градоначалниците на Подгорица и Пловдив кои што беа присутни на свеченоста.

– Оваа година одбележуваме и десетгодишен јубилеј од збратимувањето на Скопје и Подгорица, иако нашите врски се многу поодамнешни. Исто така, годинава и официјално ја објавивме одлуката за номинирање на Скопје за кандидат за титулата на Европската комисија „Европска престолнина на културата“, а тоа е доказ за нашите заложби за европски модерен град, каде што вистинските културни вредности ќе бидат на највисоко ниво – рече Шилегов.

Тој, исто така, нагласи дека за досегашниот развој на Скопје секогаш биле заслужни посебни луѓе и упати искрени честитки до годинашните добитници на награда 13 Ноември и им пожела да продолжат да го слават Скопје со своето дело.

Од името на наградените се обрати Даница Павловска – Циги, која се заблагодари за укажаната чест и добиените награди, што за нив претставува признание за успешната работа и ќе биде поттик да продолжат да творат и во иднина и да го сакаат Скопје.

Добитници на Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2018 година се:

 Од областа на науката

1. МАРГАРИТА ЦАЦА НИКОЛОВСКА, судија, за придонес во унапредување, промоција и заштита на човековите права и слободи, развој на демократијата и владеење на правото.

Од областа на образованието и воспитанието

1. АЏИ ФИДА, професор во пензија, за долгогодишна успешна дејност во областа на образованието и воспитанието.

Од областа на спортот

1. АНДРЕЈ СТОЈАНОВСКИ, пливач, за остварување врвни резултати во пливачкиот спорт во категоријата за лица со посебни потреби.

Од областа на културата:

 1. МАРКО КОЛОВСКИ, музиколог, за значајни долгогодишни остварувања во областа на музичкото творештво.

 2. РЕСУЛ ШАБАНИ, писател и книжевен преведувач, за превод на Антологиите „Поети академици“ и „Поети и раскажувачи академици“.

Од областа на уметноста:

 1. РАМАДАН ШУКРИ, академски музичар, за придонес во областа на уметноста, културата, образованието и воспитанието.

 Од областа на публицистиката

1. СЕФЕР ТАХИРИ, новинар, за 20-годишен придонес во развојот на новинарството и публицистиката.

Од областа на архитектурата

 ДАНИЦА ПАВЛОВСКА – ЦИГИ, архитект, за долгогодишна посветеност за зачувување на автентичноста и вредностите на градот Скопје во сферата на планирање и управување со просторот.

Правни лица:

 1. ЈЗУ ГЕРОНТОЛОШКИ ЗАВОД „13 НОЕМВРИ“ СКОПЈЕ, за долгогодишна успешна работа.

2. ПРОТИВПОЖАРНА БРИГАДА НА ГРАД СКОПЈЕ, за успешна работа и голем придонес во заштитата и спасувањето на граѓаните од пожари, природни непогоди и други несреќи.

За ученици и студенти:

1. АРДА МУСТАФАОГЛУ, ученик во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, за континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот.

2. МИЛА КОЦЕВСКА, СОФИЈА СТОЈМЕНОВА, НЕНА ГИЕВСКА, МАРИЈА ГАВРИЛОВИЌ, ПЕТАР ТОДОРОВСКИ И ВЕДРАН ЛАУРЕНЧИЌ, ученици во ООУ „Кочо Рацин“- Скопје, за хуманост-укажување прва помош на лице во градски автобус.

Во рамки на свеченоста по повод  Денот на ослободувањето на Скопје, во фоајето на Македонската филхармонија, беше отворена и изложба на ликовните дела, што беа насликани на 14-та меѓународна ликовна колонија „Скопје 2018“, а во чест на добитниците и по повод празникот на градот, се одржа перформанс                           „Ослободување на Скопје во 7 поглавја“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*