Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министерот за финансии, Драган Тевдовски, го презентираа предлог Буџетот за 2019 пред новинарите и уредниците од економските редакции на 6 медиуми и на македонските граѓани на телевизиска дебата во Македонската радио телевизија.
Телевизиската дебата за предлог Буџетот за 2019, во духот на заложбите за транспарентност и отвореност, како вредности и одлика на работата на Владата на Република Македонија и во име на концептот за граѓански буџет разбирлив и близок до граѓаните, е уште едно исполнување на преземените обврски и ветувања кон граѓаните на Република Македонија.
Премиерот Заев и министерот Тевдовски во дебатата на МТВ нагласија дека предлог Буџетот за 2019 обезбедува повеќе пари за граѓаните како основа за растечка економија, социјална праведност и подобра живејачка за граѓаните на Република Македонија. Буџетот за идната година е истакнато фокусиран на поддршка на активните мерки за вработување преку кои ќе се работи на преквалификација, доквалификација и целосна квалификација на работната сила за да може компаниите да имаат квалификуван кадар на располагање.
Како што рече премиерот Заев, за таа цел во соработка со германската канцеларка Меркел и со германската Влада, ќе се оформи заеднички управувачки комитет, дополнително во Владата на Република Македонија ќе се ангажираат двајца советници од Германија кои ќе работат на имплементација и спроведување на дуално образование.
„Капиталните инвестиции кај претходната власт одеа во споменици и музеи, сега одат во патишта, училишта, здравство, канализација, зголемување на платите“ потенцираше премиерот Заев и рече дека во последниот квартал на 2018 година и во следните месеци од 2019 се очекува интензивирање на реализација на капиталните инвестиции како одговор на прашање од новинарите за планот на реализација на капитални инвестиции за идната година.
На прашање од новинарите на што ќе се трошат парите од Буџетот за 2019, премиерот Заев одговори дека парите на граѓаните ќе се враќаат кај нив и ќе се распределуваат за потребите за создавање поправедно општество кое ќе нуди еднакви можности за сите, како и за капитални инвестиции.
Во таа насока тој посочи дека меѓу другите механизми со кои се враќаат пари кај граѓаните, во 2019 година повеќе пари ќе се слеат и кај земјоделците. Субвенциите за земјоделците се зголемени и ќе изнесуваат 140 милиони евра, за разлика од претходните години кога се движеа помеѓу 90 милиони евра и 110 милиони евра.
„Новина е поддршката за најсиромашните. За 300% имаме зголемување на социјалната помош, околу 60.000 дечиња се опфатени од социјален аспект и најранливи групи на граѓани по повеќе основи. Согласно растот на буџетот, ќе се даваат и повисоки плати. Повисоки плати ќе има во здравството. Во 2019 лекарите специјалисти ќе добијат вкупен приход од 90.000 денари. Кај клиниките ако ги земеме предвид и дополнителните приходи од дежурства и други работни задачи, тие ќе го надминат ветениот износ од 100.000 денари по специјалист“, потенцираше премиерот Заев, и најави дека од септември 2019 година и целокупниот медицински персонал ќе добие покачување на платата за 5% како и сите останати вработени во јавната администрација, кога се очекува и да заврши реформата во јавната администрација со цел подобра ефикасност, ефективност и професионалност.
Министерот Тевдовски зборуваше за планираните перформанси на Буџетот и рече дека со предлог Буџетот за 2019 се обезбедува значителна поддршка за стопанството и поддршка за извозот кој е за 40% повисок. Со дополнителни 1 милијарда денари за активни мерки за вработување ќе се намалува невработеноста, а преку социјалната реформа ќе се обезбедува социјална праведност и солидарност, достапно и услужно здравство за сите, зголемени субвенции во земјоделството за квалитет и сигурен пласман на земјоделското производство.
Тој додаде и дека преку предлог Буџетот за 2019 определени се значителни средства со кои ќе се овозможи модерна армија, за ефикасно спроведување на интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ согласно стандардите.
„Со овој Буџет јасно го исполнуваме тоа што го зацртавме со фискалната стратегија, умерена и постепена фискална консолидација односно намалување на буџетскиот дефицит. Ако во 2017 првиот буџет беше со дефицит од 3% сега нашиот предлог е дефицитот да биде 2.5% бидејќи целиот овој период работевме на стабилизирање на финансиската состојба во државата“, рече министерот Тевдовски и најави дека ликвидноста на државната каса е во одлична состојба и заради тоа ќе продолжи неселективно и навремено да се реализира повратот на ДДВ кон компаниите.
Во рамки на двочасовната телевизиска дебата новинарите, премиерот Заев и министерот Тевдовски разговараа на повеќе економски теми, ги разгледаа буџетските проекции и перформанси и придобивките што граѓаните ќе ги имаат како краен резултат.