Османи: Ќе ги Обезбедиме Сите Предуслови за Преговори во Јуни 2019

Заменик Претседателот на Владата, задолжен за Европски прашања Бујар Османи, во рамки на
својата работна посета на Брисел, оствари неформален брифинг со претставници на Работната
Група при Советот на ЕУ за Западен Балкан (КОВЕБ).

На состанокот Османи брифираше за актуелната политичка состојба во земјата, оценувајќи ја
политичката климата како позитивна за имплементација на предвидените реформи, особено
сега, по првата одлука за пристапување кон промени на Уставот согласно договорот од Преспа,
со што се откочи и работата на Собранието.

„Како Влада и како држава внимателно работиме на исполнување на сите забелешки и
препораки содржани во Извештајот на Европската Комисија, особено оние кои реферираат и
на заклучоците од јунските самити на Советот на ЕУ, со што ќе изградиме солидно портфолио
кое ќе обезбеди конфирмација на одлуката од страна на Советот следниот јуни и почеток на
преговорите“, истакна Османи, посочувајќи притоа на напредокот и во имплементација на
уставните измени, и на реформите од Планот 18.

„Планот 18 е веќе усвоен на Влада и неговата имплементација, сега за сега, се одвива
непречено. Очекувам навреме да бидат адресирани сите клучни области, имајќи предвид дека
темпото на имплементација на реформите се засили по откочувањето на Собранието со првото
зелено светло за уставните измени.“ – истакна Османи, посочувајќи го притоа и напредокот во
формирањето на преговарачката структура и подготовката на државата за почеток на
преговорите.

Османи е во работна посета на Брисел, каде покрај брифингот со претставниците на КОВЕБ, ќе
оствари и работна средба со Еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*